еМагазин
Image default
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ со план како да се стигне до една милијарда евра за справување со кризата со коронавирусот

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христјан Мицскоски денеска на прес-конференција побара од претседателот на СДСМ, Зоран Заев, како што кажа, веднаш да го повлече предлогот за кратење на платите на вработените во администрацијата, бидејќи со тоа, според него, кризата ќе се продлабочи.

Мицкоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ предлага план како да се дојде до една милијарда евра, за помош на економијата по последниците од вонредната ситуација со корона вирусот.

Тој рече дека е загрижен откако го чул планот на Заев, оценувајќи дека мерките за поддршка на економијата како последица на коронавирусот се задоцнети и недоволни и дека тие нема да бидат вистински за она што му треба на стопанството.

Заев, според лидерот на опозициската партија, предложувајќи ги овие мерки покажал дека системот е трул, а не како што убедувала владејачката партија и тоа, според него, не може да се замачка на прес-конференции.

Земјата, вели Мицкоски, од независноста до денес минала низ многу проблеми, но никогаш не се посегнало по платите на работниците.

– Заев со овој план се обидува да ја покрие неспособноста на Владата, рече тој.

Кратењето на платите ќе значи сериозен удар за стандардот на вработените и тоа, како што рече Мицкоски, требало да почне од функционерите, а не од работниците, кои можеби имаат кредити и други трошоци. Дополнително, додава тој, се работи за мерка која е економска неисплатлива и ќе влијае врз потрошувачката во економијата.

– Мерката за драстично кратење на платите преставува сериозен, повторувам сериозен удар за стандардот на вработените. И ова кратење требаше првенствено да започне од министрите, замениците министри, директорите, градоначалниците, именуваните функционери, а не во ист кош да се ставаат кога треба да има кратење на платите функционерите и работниците.

Вработените во администрацијата ги немаат привилегиите на функционерите на власта, ама сега со предлогот на Заев ќе ја имаат истата плата од 14.500 денари. Голем дел од овие луѓе имаат кредити и не може да зависат од милоста на банките и несериозноста на Заев, рече Мицкоски.

Останатите мерки на Заев наменети за бизнисот, според лидерот на опозицијата, се аматерски и недоволно добро обмислени, и нема да го дадат посакуваниот ефект.

– Тоа е далеку од вистинските потреби на стопанството, рече Мицкоски.

На прес-конференцијата тој посочи на предлозите на ВМРО-ДПМНЕ во насока на поддршка на економијата во ситуација на Ковид и како Владата да дојде до една милијарда евра.

– Државата да покрие до 50 отсто од бруто трошоците за вработените, по основ на нето плати и придонеси, а не само нето плати како што предлага СДСМ. Бараме целосно да се замрзнат плаќањата на рати по основ на отплата на главнина и камати на граѓаните и бизнисот кон банките и заемодавателите.

Бараме веднаш Владата да се откаже од непродуктивните трошоци од буџетот и безусловна интензивна реализација на капиталните инвестиции. Робусна и стопроцентна реализација на капиталните инвестиции.

Бараме Владата да го покрие транспортниот сектор со укинување на плаќањето на патарина и царински давачки, како и одлука за укинување на сите давачки царински и даночни за набавка на здравствени маски, препарати и уреди потребни за справување со корона вирусот, рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, ја поддржува одлуката аконтацијата на данокот на добивка за месеците април, мај и јуни да биде одложена, но истото ова треба да се примени, вели тој, и за ДДВ за март кој се плаќа до крајот на месец април за дејностите погодени од кризата.

– Наместо урамниловка, бараме паралелно со замрзнување на обврските на граѓаните кон банките да се разгледа можноста за намалување на примањата на вработените во администрацијата и јавните претпријатија за месец март највеќе до 10 отсто. Состојбата понатаму ќе се анализира месец за месец, но никако примена на понижувачкиот принцип на урамниловка што го промовираа СДСМ и Зоран Заев, рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ, исто така, бара наналување на непродуктивните трошоци за времени вработувања и Владата да донесе уредба со сила на закон за поништување на одлуката со која се купува удел во АД ГА-МА Скопје и средствата кои се на сметката на НЕР АД Скопје во висина од 32.000.000 евра да се пренаменат и да се искористат за санација на штетите од пандемијата.

Мицкоски го соопшти планот на ВМРО-ДПМНЕ како Владата може да стигне до една милијарда евра, како што рече, свежи пари, за граѓаните и бизнисот не ја почувствуваат кризата.

– Освен тие 600 милиони евра кои ќе се обезбедат преку позајмица од Светската банка, ММФ и странските банки, дополнително може да се обезбедат 400 милиони евра преку државни хартии од вредност кои ќе ги издаде Министерството за финансии, имено пасивниот капитал да се претвори во актива.

Тековно, банките на сметки во НБРМ имаат огромна ликвидност и дополнително од тоа, имаат 25 милијарди денари во благајнички записи, што е околу 420 милиони евра. Тоа се краткорочни хартии од вредност издадени од Народната Банка за повлекување на ликвидност од банките во услови на вишоци на ликвидност во банкарскиот систем, но и кога има вишок на ликвидност во целата економија, за да не се креираат притисоци врз инфлацијата.

Банките секој месец ги запишуваат во Народната Банка и ова се на еден начин замрзнати пари надвор од економијата. Во услови кога општата ликвидност на економијата е загрозена (парите не циркулираат во економијата), овие средства во едномесечни хартии од вредност од централната банка треба да се пренасочат во државни хартии од вредност, и затоа бараме веднаш аукција на државата за собирање на оваа ликвидност (420 милиони евра), појасни Мицскоски.

Овие 420 милиони евра, продолжи тој, да се стават на располагање како фонд на Македонска банка за поддршка и развој за директна поддршка на приватниот сектор, особено на микро, малите и средни претпријатија за да ја надминат својата неликвидност.

Според Мицкоски, секој изгубен ден значи загубено работно место и нарушен стандард.

– Ова веќе не е само здравствена, туку и сериозна економска криза. Апелирам на брзо делување и наместо трка по политичкки поени, рече Мицкоски.

Запрашан дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи предлогот на министерката за правда Рената Тренеска Дескоска која најави дека ќе побара Владата да донесе уредба за укинување на годишното финансирање на политичките партии, Мицкоски рече дека безусловно ќе гласа за нејзиниот предлог на владина седница.

– Истовремено очекувам пред оваа точка да ја стави точката на дневен ред каде што ќе се донесе Уредба со сила на закон со која сите министри, заменици, државни секретари, избрани и именувани лица ќе се откажат од платите и ќе работат пробоно до завршетокот на нивниот мандат, а јас и ветувам дека министерот кој ќе биде присутен на таа седница ќе го поддржи безусловно тој предлог, рече Мицкоски.

МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Прилепски „Конфи Ангел“ почна да произведува заштитни маски и скафандери

Помалку заразени од Луксембург: Го стави ли Русија корона вирусот под контрола?

Испитани илјадници примероци – ниту еден не потврдил дека милениците го шират коронавирусот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

МВР: Спречен можен терористички напад од поддржувачи на ИСИС

Редакција

Замислете Германија да инсистира ‘Австрија да ги признае германските корени’, Гералд Кнас за барањата на Бугарија

Редакција

Тројца починати од Ковид-19 во едно деноноќие во Делчево, помеѓу нив и културниот работник Слободан Цобе Илиоски

Редакција