Висок дипломатски извор од ЕУ институциите вели дека ставот на шефот на ЕУ дипломатијата е дека преговорите треба да бидат отворени со Албанија и Северна Македонија што е можно поскоро, јави дописничката на МИА од Брисел.
Министрите за надворешни работи на ЕУ в понеделник ќе се состанат во Брисел за редовниот Совет за надворешна политика, каде Западниот Балкан ќе биде една од главните стратешки дебати, а се очекува да се зачне и темата за одвојувањето на Албанија и Северна Македонија, споменато како можно сценарио од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
-Прашањето најверојатно ќе се отвори на состанокот од страна на некои учесници, ставот на високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Јосеп Борел, секогаш бил дека треба одржување на меѓувладините конференции со двете земји што е можно поскоро, ова оди во насока на ЕУ перспективата на регионот и испраќа потребен сигнал до Западниот Балкан, што побрзо се отворат преговорите со двете земји, тоа подобро, објасни овој висок дипломат на Европската Унија.
В понеделник министрите за надворешни работи, по неколкуте одлагања, конечно ќе ја одржат стратешката дебата за Западниот Балкан. Со состанокот ќе претседава Јосеп Борел, шефот на дипломатијата на ЕУ.
-Ќе имаме стратешка дискусија за тоа како ЕУ да биде поприсутна на западниот Балкан, тоа е клучен регион и сакаме да го зајакнеме нашето присуство, вели дипломатот.
Министрите ќе разговараат за зголеменото влијание на трети земји на Западен Балкан, како Русија и Кина, присуство кое се засили во последно време.
-Влијанието на трети земји ќе се дискутира затоа што е геополитичко прашање со кое сакаме да се справиме, ситуацијата е сменета во последните години, секако дека не претендираме на ексклузивност врз регионот, но тој е важен за ЕУ и Унијата треба да е присутна и да води, изјави овој висок дипломат во пресрет на министерскиот состанок в понеделник.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ЕУ не подготвува раздвојување на Македонија и Албанија, тврдат високи извори во Европската Комисија
Германија и Словачка бараат Скопје и Тирана заедно да ги почнат преговорите со ЕУ во јуни
МИА