Советот на Град Скопје на денешната 22-ра седница ја усвои Одлуката за изменување и дополнување на ценовникот на услугите што ги извршува ЈП „Градски паркинг“.
Со усвоените измени на оваа одлука ќе поскапе паркирањето за вработените во Клиничкиот центар, односно вработените во Клиничкиот центар наместо 300 ќе плаќаат 800 денари месечна карта за паркирање во комплексот на Клиничкиот центар.
Градоначалникот Шилегов истакна дека се укинува повластената цена од 300 денари и се врши усогласување со цените што ги плаќаат граѓаните за услугите на ЈП „Градски паркинг“ во насока на регулирање на сообраќајниот хаос во рамките на Клиничкиот центар.
– На Клиничкиот центар заради евтин популизам се издадени 1.500 месечни карти за кои вработените плаќаат повластени 300 денари во услови кога на паркингот има 670 места. За пациентите или корисниците на услугите на ЈП „Градски паркинг“ на Клиничкиот центар цената останува иста, изјави Шилегов.
Шилегов потенцираше дека зголемувањето на цената на месечната карта за вработените ќе придонесе да се намали сообраќајниот хаос во рамките на Клиничкиот центар во ситуација кога се издадени 1.500 месечни карти за вработените, а граѓаните немаат каде да паркираат.
Градот Скопје сериозно инвестираше во Клиничкиот центар во текот на минатата година преку одржување на хигиената, средување на зеленилото и санирање на дупките, а Градот планира да инвестира и во изградба на монтажен паркинг на местото каде што пред 6 години беше ископана дупка за нов клинички која сега е пополнета.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Синдикатот на Клинички центар реагира на предложеното зголемување на цената за паркинг