Премиерот Зоран Заев денеска повторно најави декриминализација, па легализација на марихуаната.
Според владиниот план Акција 21, кој го престави, Парламентот на почеток на 2021 година ќе дебатира за декриминализација на канабисот, а до крај на јуни 2021 година ќе се дебатира за целосна легализација и потенцираше дека марихуаната освен што може да се користи како лек, има и голем економски потенцијал.
„Искуствата на државите како Канада, Чешка, Холандија покажуваат дека заработуваат 55 милијарди долари годишно од оваа дејност. Досега кај нас има 59 лиценци за оваа дејност и Владата е во комуникација со претставниците на компаниите со цел оваа гранка да се развива согласно светските текови и европските регулативи.
На европските пазар има стотици исклучително важни лекови кои се решение за здравјето на многу граѓани. Маслата од канабис и други продукти влијаат позитивно на многу болести како мултиплекс склероза, ХИВ, епилепсија и многу малигни заболувања и други болести“, рече Заев.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ЕКСКЛУЗИВНО: Кои се фирмите кои влегоа во бизнисот со медицинска марихуана во Македонија
Заев кажа и дека на овој начин се очекуваат повеќе од 250 милиони евра од производство на канабис за медицински цели и отворање нови високоплатени работни места.
Се осврна и на декриминализација на марихуаната, чие поседување во Македонија е кривично дело.
„Точно е тоа што го зборуваат активистите од граѓанскиот сектор – не е во ред некој да оди во затвор затоа што користел половина грам природен канабис за лична употреба, во време кога веќе насекаде во светот оваа билка станува легална и за медицинска и за економска дејност“, рече Заев.