Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска информираше дека започна исплатата за второто тримесечје на „Мој ДДВ“.
„На сметките на корисниците на апликацијата „МојДДВ“ кои скенирале фискални сметки во месеците октомври, ноември и декември 2019 година, ќе бидат исплатени 3.871.000 евра. Управата за јавни приходи уште еднаш апелира до граѓаните да ги проверат своите трансакциски сметки и доколку има грешка во внесувањето, да ја коригираат со цел навремена и ефикасна исплата,“ информираше Лукаревска.
Имено, од 1 јули 2019 година до 31 јануари 2020 година регистрирани се вкупно 236.442 корисници, скенирани се 66.885.228 фискални сметки, остварен е промет од 32.456.740.434 денари, со вкупен износ на ДДВ од 3.512.292.634 денари.
Само во месец јануари 2020, првиот месец од третото тримесечје има нови 23.387 корисници на апликацијата „МојДДВ“ и вкупен поврат 15 проценти од ДДВ заклучно со 31.01.2020 во износ од 1.724.000 евра.