Ракот на белите дробови останува еден од најраспространетите и најсмртоносните форми на рак како во светот, така и во Македонија. Сепак, напредните медицински истражувања и нови технологии помагаат во рано откривање и превенција на ракот на белите дробови.
Според Светската здравствена организација (СЗО), ракот на белите дробови е одговорен за приближно 2 милиони нови случаи и 1,8 милиони смртни случаи на глобално ниво секоја година.
Во Македонија инциденцата е 14,9% или 1135 нови случаи секоја година, а бројот на лица починати од рак на белите дробови во земјава за 2020 година е 1.055 или 4,59%, што ја става државата на 10. место во светот според стапката на смртност.
Инциденцата на рак на белите дробови во Македонија ги одразува глобалните трендови, при што преваленцата на пушењето и загадувањето на воздухот играат значајна улога во развојот на болеста.
Пушењето како примарен фактор на ризик за развој на рак на белите дробови е главната причина кај приближно 85% од случаите.
Заради ваквите бројки, докторите раната детекција ја издвојуваат како клучна за навремено третирање. Само така може да се зголеми стапката на преживување на заболените лица.
Ако ракот на белите дробови се открие во порана фаза и пред да се прошири, поголема е веројатноста дека успешно ќе се излекува. Скрининг за рак на белите дробови се препорачува за одредени луѓе кои пушат или порано пушеле, но кои немаат никакви знаци или симптоми.
Обично симптомите на рак на белите дробови не се појавуваат додека болеста е во рана фаза, а кога се појавуваат симптоми, истите можат да бидат слични со симптоми на инфекција и долгорочни ефекти од пушењето.
Досега спроведените скрининг програми и студии во светот даваат резултати кои придонесуваат кон убедливо намалување на смртноста како резултат на спроведувањето на навремен скрининг за рак на белите дробови кај лица со висок ризик од ова заболување со смртоносни последици.
Национално делување, кревање на свеста кај граѓаните за јавното здравје и потребата од скрининзи се клучни во мисијата за спасување што повеќе човечки животи, особено кај ризичната категорија граѓани.
Клиника Жан Митрев за првпат во државата спроведува национална кампања за бесплатен скрининг за рак на белите дробови. Пациентите за првпат имаат можност да направат превентивни бесплатни испитувања за тоа дали носат ризик за развој на рак на белите дробови, навремено откривање на асимптоматските пациенти и дијагностицирање во рана фаза кај ризични групи на пациенти, информираат од таму.
Лицата коишто ќе бидат позитивно дијагностицирани, ќе бидат упатени на целосен оперативен и онколошки третман од стручниот медицински тим во Клиника Жан Митрев.
Сите заинтересирани граѓани коишто сакаат да направат бесплатен скрининг, може да се пријават со пополнување на онлајн прашалник на интернет страницата на Клиника Жан Митрев, а повеќе информации за начинот на пријавување може да добијат на телефонскиот број 02 3091 484.
Прашалникот е насочен со цел да се проценат ризик факторите за заболување од рак на бели дробови.