еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина „произведе“ 22 лиценцирани водичи во регионот, според стандарди на UIMLA

Известувач од Косово за еМагазин.мк, Силвана Жежова

Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина (МАИВП), ги додели лиценците за професионални водичи во планина (според стандарди на UIMLA) на кандидати од Косово, Албанија и Црна Гора, кои обуката ја поминаа во периодот од 2020 до 2024 година.

На свеченоста која се одржа во хотелот Дуќаѓини во Печ, беа доделени 22 лиценци од кои, 15 на водичи од Косово, шест на водичи од Албанија и една лиценца на водич од Црна Гора.

Кога станува збор за развој на авантуристичкиот туризам, овој настан беше од исклучително регионално значење, за што говори и присуството на косовската министерка за индустрија, претприемништво и трговија Розета Хајдари.

Една од најголемите заслуги, за остварување на целите регионот да се позиционира како место во Европа, во кое, водичите се обучени според светски стандарди, ја има Костантин Циривири, претседателот на МАИВП, членка на UIMLA. Под негова „палка“, заедно со други македонски инструктори исто така лиценцирани водичи на UIMLA, тие обучија регионален кадар.

На доделувањето на лиценците, Циривири во својот говор истакна дека настанот е од исклучителна важност за развојот на планинскиот и авантуристичкиот туризам во регионот на Западен Балкан од неколку причини. Како прва и основна ја истакна важноста на професионалниот стандард за реалниот туристички сектор, бидејќи иницијативата за оваа обука произлегла од тур-оператори и водичи кои работат на терен и многу добро знаат што подразбира професионалниот стандард за работа.

„Оваа соработка помеѓу Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина и нашите колеги од Косово, Албанија и Црна Гора, кои формално сега се наши сестри и браќа, недвосмислено покажа дека ние како професионалци не препознаваме граници кога станува збор за соработка, солидарност и градење заедничка визија за добрата иднина на регионот.

Преку овој процес на UIMLA, се покажува дека ние сме веќе дел од Европа и развиениот западен свет, со посветеност на почитување на стандардите, кои имаат корист за целата заедница. Оваа соработка е исто така посебна за семејството UIMLA, бидејќи за прв пат, кандидати од три земји беа вклучени во еден процес, кои се надеваме дека наскоро ќе станат полноправни членови на UIMLA,“ изјави Циривири.

Тој ја потенцираше и тежината и обемноста на процесот за стекнување на лиценци, а верувањето во стандардот UIMLA за обука и работа, биле значајна движечка сила.

„Тоа ни помогна нам, тимот на инструктори од МАИВП да го спроведеме процесот ефикасно, со специфичен пристап и со висок успех, што не се должи на „накитени резултати“, туку на многу напорна работа и стручност на тимот на инструктори, како и огромните напори на кандидатите,“ додаде Циривири потенцирајќи ја важноста на поддршката од страна на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), и нивните главни протагонисти Аница Палацо, Екрем Хисеини и Бенџамин Мор со кои започнал процесот во 2020 година.

Од друга страна пак, Swisscontact од Косово ја препознале важноста на овој процес и навреме ги поддржале кандидатите од Косово.

Што доби регионот од оваа обука и какво знаење од државата се „извезе“ надвор од границите?

Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина (МАИВП) е национална организација на професионалните водичи во планина од Македонија која е членка на меѓународната унија на професионални водичи во планина – UIMLA од 2008 година, а од 2018 година е полноправна членка со право за издавање лиценци за професионални водичи во планина (UIMLA – IML International Mountain Leader). IML стандардот претставува меѓународен стандард за професионалните водичи во планина кои се занимаваат со водење клиенти на пешачки планинарски тури, т.е. планинарски тури на „не технички терен“.

Лиценците што ги издава МАИВП – UIMLA КАРНЕТИТЕ, се унифицирани за сите членови на UIMLA и имаат меѓународна валидност, кое што повлекува и обврски за придржување до меѓународните стандарди за обука и лиценцирање на водичите и почитување на нормите за професионално работење со клиенти во планинскиот туризам.

Во Македонија програмата за обука на Интернационални Водичи во Планина ја спроведува Центарот за образование, наука и истражување Планинска Академија Маврово, која што е одобрена од Министерството за образование и наука.

Програмата за обука, се однесува на обуката на водичи во планина според IML (International mountain leader – mountain walking tours) и таа е прилагодена според стандардите на меѓународната унија на професионални водичи во планина UIMLA – Union of International Mountain Leaders Associations.

Стандардите на UIMLA се препорачани од страна на ЕУ – „European Union Directive for development of common standards for professional mountain leaders throughout Europe”.

„Земајќи предвид дека присуството на професијата International Mountain Leader на овие простори нема долга традиција, логично е дека бројот на професионални водичи е мал и има потреба од обука на голем број нови водичи.

За таа цел од октомври ќе започнеме со процеси за интензивни и обемни обуки на професионални водичи според UIMLA стандардот, кои ќе бидат поделени во две групи – обука на водичи од Македонија и обука на водичи од регионот на Западен Балкан.

Засега има огромен интерес за обуките и се до завршувањето на овој прилично обемен и комплексен процес на обука на водичите од Косово, Албанија и Црна Гора, не можевме да започнеме со обука на нова генерација. Имајќи предвид дека во Пеќ и формално го заокруживме овој процес, продолжуваме со обуки на нови генерации од Македонија и земјите од Западен Балкан.

Реалниот туристички сектор во земјите од Западен Балкан многу добро ја препознава разликата помеѓу професионален и непрофесионален стандард, посебно тие што работат со големите туроператори од Европа и светот,“ објаснува Циривири за еМагазин.мк.

Косово препозна, Македонија не

Косово, кое допрва ќе се позиционира во овој туристички сегмент, го препозна моментот на професионализација на чинителите во авантуристичкиот туризам и оттука државата дава комплетна поддршка. За разлика од кај нас, кои иако сме лидери на Западен Балкан, засегнатите министерства, агенции и институции не мрднаа со мал прст при формирање на МАИВП во 2008 година,  со цел да се имплементираат UIMLA стандардите во Македонија.

Имплементацијата на UIMLA стандардот и целиот процес на полноправно членство на МАИВП не е помогнат финансиски ниту од некоја државна институција, ниту од донатори. Процесот е спроведен со сопствени сили на членовите на управувачките тела на МАИВП кои беа активни во периодот од 2014 до 2018 година.

„Заради немање финансиски средства процесот до стекнување полноправно членство траеше 10 години, бидејќи секоја организацијата членка на UIMLA треба да мине низ задолжителните летна и зимска инспекција (кои се прилично строги, посебно кога станува збор за земји од нашиот регион), за кои се потребни средства за покривање на трошоците на проценителите, но и за организирање на целиот процес.

Сето ова МАИВП го направи со сопствени сили – инструкторите најчесто ги донираа своите хонорари од обуката на водичи во земјава за оваа цел, голем дел од членството, посебно Извршниот Одбор работеа волонтерски, а значителен дел од трошоците за оперативното работење беше покриван и помогнат од компании во сопственост на членовите на МАИВП или од алпинистичките и планинарски клубови или организации каде што членуваа професионалните водичи,“ вели Циривири за еМагазин.мк.

Тој додава дека иако немале никаква финансиска помош, од тогаш наваму заради огромниот број опструкции кои се вршени врз организацијата, најчесто од центри на влијание каде што не постои препознавање на разликата помеѓу планинарство како спорт и планинскиот туризам, институционалното препознавање е недоволно или намерно саботирано.

„Ако го земеме во предвид само фактот дека ниту еднаш не сме повикани во ниту една државна институција за консултации и решенија кои можеме да ги понудиме во областа на планинскиот туризам, ниту пак сме членови во советодавните тела на АППТРМ, а Македонија е планинска земја каде што планините се најголемиот туристички потенцијал, повеќе од очигледно е дека нема препознавање на важноста на професијата и капацитетот на МАИВП и тренинг Центарот Планинска Академија. Резултати испорачуваме преку други, главно проектни активности,“ дополнува Циривири.

Да напоменеме дека High Scardus Trail производот е авторство, на Циривири и Јован Божиноски, а истиот во 2022 беше прогласен за најдобар нов туристички производ во Европа од страна на Здружението на британски новинари за туризам, кое што се смета за најпрестижна награда во туризмот.

„Ако го земеме во предвид фактот дека во Печ, на доделување на лиценците на професионалните водичи од Косово, Албанија и Црна Гора, кои се обучени и работат во рамките на МАИВП, поздравен говор одржа лично министерката за економија на Косово, говори многу за степенот на препознавање на „нашата тежина“ дома и надвор, но што е уште потрагично и степенот на препознавање или непрепознавање на важноста на експертското знаење за развој на планинскиот туризам.

Веројатно тоа е само еден од показателите кој укажува на тоа зошто домашниот туризам ни е таков каков што е, и зошто планинскиот туризам во соседството се развива со многу поголема стапка на раст,“ додава Циривири.

Во прилог на претходното тврдење за препознатливоста дома и надвор, говори и фактот што оваа година во ноември, во Македонија, во Скопје, ќе се одржи годишното собрание на светската асамблеа на професионални водичи UIMLA, кое што оваа година е јубилејно по повод 20 години од формалната регистрација на UIMLA.

„Тоа не е резултат на случајност, туку на работа водена од знаење, сериозна заложба и честит пристап. UIMLA не е случајна или дневно политичка организација, која функционира на основа на кусогледи интереси, туку почива врз визија за развој на професијата во целиот свет и проекции кои се прават за децении напред.

Во основа можеме да кажеме дека можеме да бидеме среќни што не се адаптиравме во домашниот менталитет „купи ден продај“, туку се придржуваме кон стратегиите и доктрините за долгорочен развој на професијата и планинскиот туризам како огромна шанса за економски напредок на земјава и регионот на Западен Балкан,“ додава тој.

Причините за непрепознавањето на важноста на професијата, кај нас во однос на соседните земји Циривири ги лоцира во општите состојби во туризмот, но и големиот број опструкции врз професијата кои произлегуваат главно од незнаење.

„Секако и заради некои наши пропусти што ги имаме направено давајќи неоснована доверба и задачи на луѓе кои немале капацитет за истото, препознавањето на е на пониско ниво одошто во соседните земји, но една од главните задачи во наредниот период ни е зголемување на капацитетите на организацијата, промоција на професијата и запознавање на реалниот сектор со контрибуцијата што професијата може да ја има врз имиџот на дестинацијата, квалитетот и во крајна линија цената на планинскиот туристички производ,“ дополнува нашиот соговорник.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Хај скардус треил“ ги поврзува Албанија, Македонија и Косово со можности за планинарење во должина од 495 км

На Кораб се поставува зимска маркација што ќе ја зголеми безбедноста на скијачите од лавини, но е корисна и за планинарите

Фото: еМагазин

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Горан Сладиќ – нов генерален директор на Пивара Скопје

Редакција

Убава вест: Оздравени 714 заболени од Ковид-19

Редакција

(Видео) Најмалку две лица загинаа во гранатирање на станбена зграда во Киев

Редакција