Агенцијата Њу Момент прослави 30 години од своето постоење и градење на успешна приказна на маркетинг пазарот.
Со повеќе од 300 вработени, 600 клиенти, 113 интернационални награди, 7.500 кампањи, агенцијата е препознатлив бренд како во Македонија така и во регионот, каде што имаат канцеларии.
Нивен најголем успех е Титаниумскиот лав на фестивалот на креативноста во Кан, највисока награда во адвертајзингот, а воедно прва за Македонија и во регионот.
Оваа врвна награда, Њу момент ја освои за кампањата „Заедничка молитва – 10 метри одвоени“.
Во чест на одбележувањето на овој голем успех, на сцената, повторно се изведе заедничка молитва која како што истакна актерот/водител Гораст Цветковски, толку многу му е потребна на светот во овој момент.
Со креативна сценографија и корегорафија се стави акцент и на една од најуспешните кампањи работена за операторот „Космофон“, насловена „Завет на молчење“. Калуѓерките излегоа на сцена, но бидејќи се се уште под завет на молчење, само напишаа СМС „На здравје 30 години“.
На сцената се појави и најуспешниот македонски гитарист Влатко Стефановски, кој бил омилен музичар на еден од основачите на Њу Момент, Драган Сакан,кој сам по себе е бренд.
Агенцијата оддаде признание и на вработените кои повеќе не се дел од неа, но учествувале во трасирањето на нејзиниот трнлив пат во адвертајзингот, креативата, работата со клиентите, справувањето со предизвиците, од кои најголемиот е „добра креатива и кампања, но мал буџет“.
На забавата присуствуваа голем број на соработници, гости од регионот, бизнисмени, политичари, новинари.
Фото: eMagazin.mk