еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

По „корпата“ од Франција, „виси“ Договорот од Преспа

По грчките политичари и медиуми, кои по недобивањето на датум за старт на преговорите со Европската Унија (ЕУ) за Македонија, први посочија дека тоа ќе го доведе во прашање целосното спроведување на Договорот од Преспа, (за кој Франција вели дека не требало да се преставува како услов за датум) и македонските политичари со исти тези.

“Преспанскиот договор не може да се комплетира целосно ако ние сме вон пристапниот процес кон Европската Унија“, изјави министерот за надворешни работи, Никола Димитров на седницата на собраниската Комисија за европски прашања.

„Во Преспанскиот договор целосната имплементација на нашите обврски е врзана со пристапниот процес во Европската Унија. Во однос на веќе постоечките внатрешни документи и материјали, нашите обврски почнуваат и завршуваат во рок од пет години од отворање на поглавјата“, рече Димитров, кој е еден од потписниците на Договорот.

На ист став е премиерот Зоран Заев, кој дури вели дека дел од него ќе се замрзне, бидејќи не е можно негово спроведување

“Одредени членови од Договорот од Преспа се поврзани со отворањето на поглавјата во процесот на пристапни преговори на Северна Македонија со ЕУ“, вели Заев во интервју за „Јуроњуз“ на грчки јазик.

“Постои поврзаност меѓу спроведувањето на договорот и отворањето и затворањето на поглавјата за интеграција. Особено за внатрешна употреба за некои случаи. Постои поврзаност, бидејќи нашите пријатели Грците прифатија дека можеме да го сториме тоа поради иднината што Северна Македонија ја има во Европската Унија. И во овој контекст, не постои можност за имплементација на Договорот од Преспа.

Дел од него ќе се замрзне, бидејќи не е можно негово спроведување. Ќе се обидеме да имплементираме некои одредби, но двете се меѓусебно поврзани, бидејќи процесот на ротација на поглавјата значи дека ќе го предадеме нашиот национален суверенитет на Европската Унија“, вели Заев.

По изјавата на Заев реагираше министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, кој вели дека Заев ги искористува проблемите што ги содржи Договорот.

“Господинот Заев уште еднаш ги искористи проблемите што ги содржи во Договорот од Преспа, кои што ги знаевме и за кои предупредувавме. Договорот веќе даде резултати и Северна Македонија ги користи бенефициите, бидејќи е отворен патот кон НАТО.

Нашата цел е преку европскиот пат да ги решиме проблемите и да ги ублажиме негативните последици од Договорот. И за таа цел, ние ќе продолжиме тесно да го следиме целосното исполнување на обврските на соседите“, наведува Дендиас во писмена изјава.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој најавува победа на престојните предвремени парламентарни избори, пак оди уште подалеку.

“Судбината на Преспанскиот договор ќе зависи од резултатите на изборите и ако имаме двотретинско мнозинство и пратеници од другите етнички заедници, се отвора можност за враќање на чекор наназад, во спротивно не чека многу работа“, вели Мицкоски во интервју за белградскиот весник „Политика“.

„Македонија мора да се врати на брзата лента до моментот за полноправно членство во ЕУ, па тогаш одвнатре ќе мора да ги корегираме грешките“, вели Мицкоски, додавајќи дека негов концепт е „не на антиквизацијата и не на севернизацијата, туку да и враќање на македонизмот во Македонија“.

Дали овие изјави се само предизборен маркетинг, различно толкување на членовите на Договорот или притисок врз Франција да го промени ставот, ќе биде познато наскоро.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ќе се остане ли Македонија во „пакет“ со Албанија за датум за преговори со ЕУ

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Парно греењето ќе продолжи најдоцна до 30 април

Редакција

(Фото) Осквернавен споменикот на бугарските туристи кои загинаа во Охридското Езеро

Редакција

Илјадници луѓе би можеле да умрат, болниците во Газа остануваат без гориво, предупредува ОН

Редакција