Заштитата на животната средина за првпат ќе биде ставена како точка на дневен ред на идната седница на Советот за безбедност којашто ќе се одржи кон средината на декември 2019 година и на која ќе бидат поканети претставници на граѓанските организации, било ветено од страна на претседателот Стево Пендаровски на средбата со граѓанските организации за заштита на животната средина.
Пендаровски ја вратил Стратегијата за одбрана во постапка како стратешки документ, со цел во истата да бидат вклучени точки и мерки за еколошка безбедност.
Тој исто така ќе ја застапува идејата за зголемување на државниот буџет за заштита на животната средина со цел да се приближи кон просекот на земјите-членки на ЕУ и ќе даде поддршка за создавање на национален фонд за заштита на животната средина.
Заклучокот од средбата бил дека, во рамки на процесот на образовните реформи да се вметне задолжителен број на часови со цел едукација за учениците во основните и средните училишта да добијат образование за заштита на животната средина.
Во однос на барањето за ангажман на Армијата во справувањето со аерозагадувањето преку нивно вклучување во патроли и ноќни дежурства, Претседателот истакна дека внатрешниот ред во државата е надлежност на полицијата. Армијата, нагласи претседателот Пендаровски на средбата, веќе придонесува за заштита и за унапредување на животната средина преку низа активности, како што се засадување нови садници на опожарените места, расчистување на опожарените места, пошумување, расчистување на отпад од речни корита, селекција на отпад, активна обука и едукација на персоналот за грижа за животната средина.
Фото: Кабинет на претседателот