еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

(Галерија) Запознајте ги македонските велосипедисти кои извозеа 270 километри на највисокиот превој во свет на Хималаите

Македонска велосипедска МТБ експедиција за прв пат возеше велосипеди на највисокиот превој во свет 5.416 Торонг Ла, од 8 до 24 ноември. Лазо Миновски, Сашо Перовски и Ростислав Палагусинец возеа околу Анапурна 8.091 метри надморска височина (м.н.в), а притоа ги следеа и другите врвови Даулагири 8.167 м.н.в., Манаслу 8.156 м.н.в.

На обилколката на која се поминуваат од 250 километри до 320 километри, тие извозеле 270 километри и 10.000 метри искачување. Миновски за „еМагазин“ вели дека нашите планини нудат подготовки за Хималаи, но само кондициони, но не и висински.

„Скоро две години се подготвуваме со возење велосипед летно време и планинарење зимно време. Знавеме отприлика што не чека, бевме спремни и за многу посуров терен посебно на спустовите. На превојот очекувавме повеќе снег, но имавме околу 10 сантиметри, што не беше пречка за добар спуст“, вели Миновски.

Најголема пречка бил реткиот воздух кој прави проблеми при качување, а камоли при возење на велосипед.

„На места каде што имаше поголем успон после искачувањето, моравме да застанеме за да го смириме дишењето, а не затоа што било јака угорница. Моравме да се движиме полека со паузи. Поголеми проблеми со дишењето имавме на спиење, на највисокиот базен камп 4.920 метри надморска височина, каде што беше преживување да дојде утрото.

Најважно за нас е што видовме како се однесуваат нашите тела на таа висина со велосипед, бидејќи имаме нешто друго во план да се искачиме на поголема висина. Дознавме и дека гумите на пониско ни беа максимум до 1,5 бари а горе кога стигнавме, поради висината гумите беа преку 4,5 бари. Стравувавме дека ќе експлодираат, но имавме среќа и продолживме со возење“, додава Миновски.

Тој им порачува на велосипедистите да одат, да не се плашат и нормално да бидат психофизички спремни. Полека и без брзање ќе се искачат на превојот.

„Навиваме што повеќе од Македонија да отидат на оваа дестинација-авантура. Вреди и има што да се види, прекрасно е таму“, објаснува Миновски.

Оваа експедиција со велосипедите помина низ многу водопади и глечери. Видоа околу 13 врвови над 7.000 м.н.в., како и околу 16 врвови над 6.000 м.н.в. Всушност целата оваа авантура била инспирирана од највисоката МТБ трка во светот YAK ATTACK.

Од првиот до последниот ден, сите информации поврзани со оваа експедиција можеа да се следат на фејсбук-страницата explorethemountains.guides.

„Explore The Mountains во оваа експедиција имаше за цел да биде целосен покровител преку социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм, на деновите и етапите кои се одвиваа во целата експедиција.

Во директна комуникација со учесниците во оваа експедиција, јавноста добиваше информации за целокупниот настан, време, состојба во која се наоѓаа нашите членови на оваа експедиција.

Следна задача на овој тим е да организира презентација за јавноста со детална слика за целата експедиција, со слики и видео записи, како и можност за поставување на прашања на учесниците за текот целата експедиција, како и најава за документарниот филм Thorong La, кој се спрема од страна на екипата на Explore The Mountains“, вели Владимир Крстевски-Хари од Explore The Mountains, кое е здружение на граѓани кое се занимава со промовирање и унапредување на планинарството, велосипедизмот, како и руралниот туризам во нашата земја и пошироко.

За сите останатие проекти на Explore The Mountains можете да се информирате на следниов линк.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Велика Британија ја стави Македонија на зелена листа држави на кои им се признаваат сертификатите за вакцинација

Редакција

Брачен пар од Македонија заглавен во Газа, се прават напори да се вратат преку Египет

Редакција

Хрватска го освои третото место на Светското првенство во фудбал

Редакција