еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Кина, најголемиот трговски партнер на Македонија надвор од Европа најавува големи инвестиции

Проширување на билатералната сорабока во сферите на трговијата, инвестициите, енергетиката, земјоделството, инфраструктурата, културата, туризмот, образованието, науката, технологијата, традиционалната кинеска медицина, најави денеска кинескиот амбасадор во земјава Џанг Ѕуо на прес-конференцијата, на која ги изнесе деталите од досегашната соработка со Северна Македонија, но ги посочи и главните предизвици со кои се соочила неговата земја, минатата година, кога ја одбележа 70-годишнината од основањето.

Тој најави дека оваа година двете земји ќе работат во насока на воспоставување безвизен режим.

Финансиска помош со вкупна вредност до 355 милиони јуани (45 милиони евра) обезбедила Кина за Северна Македонија од воспоставувањето на дипломатските односи до денес. Во рамки на таа помош се опфатени сферите на образованито, медицината, здравствениот систем, научните истражувања.

Џанг потсети дека во јули беше пуштена во употреба првата фаза од едукативниот систем за образование од далечина, изграден со 47 милиони јуани (шест милиони евра) ресурси – неповратна помош од Кина, а втората група средства во вредност од 30 милиони јуани (3,8 милиони евра), исто така, се готови за употреба.

Тој нагласи дека во декември минатата година е потпишан договор за донација во здравствената и социјалната сфера, во вредност од 30 милиони јуани (3,8 милиони евра), а за лабораторија за биомолекули од Природно-математичкиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј обезбедени се 620 илјади јуани (70 илјади евра).

Кинескиот амбасадор не кажа конкретно какви инвестиции планира Кина за оваа година, но како области на кои најмногу ќе се постави фокусот ги спомена земјоделските продукти, културата и туризмот, заштита на животната средина…

– Взаемната политичка доверба меѓу двете наши земји е продлабочена, економската и трговската соработка континуирано се проширува, размените на различни полиња станаа се поактивни, а координираните комуникации исто така се многу ефикасни во меѓународните дејности, посочи Џанг, споменувајќи ги средбата на шефот на државата Стево Пендаровски со кинескиот потпретседател Ванг Чишан за време на нивниот престој на Форумот за мир во Париз, како и средбата на поранешниот премиер Зоран Заев и кинескиот премиер Ли Кечианг, но и посетата на собранискиот спикер Талат Џафери на Кина.

Сорабоката е продлабочена и врз основа на Процесот 17 плус еден, а успешно е одржан и Четвртиот министерски форум за културна сорaботка во рамки на 17 плус еден во Скопје.

Џанг спомена дека земјава користејќи кредити од Кина со ниска камата официјално беше пуштен во употреба автопатот Миладиновци-Штип, а завршен беше и најкомплицираниот дел од тунелот на автопатот Кичево-Охрид.

Бројот на кинеските туристи, кои ја посетиле земјава достигнал 14 илјади, а трговскиот обем меѓу двете земји достигнал околу 650 милиони американски долари, со што Кина останува најголемиот трговски партнер на Северна Македонија надвор од Европа.

Кинескиот амбасадор изјави дека оваа година е важна во остварувањето на поквалитетна соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа. Во првата половина на годината ќе биде одржан самитот на државните лидери на Кина и на земјите од Централна и Источна Европа. Темата на самитот ќе биде интероперабилноста, зелена инованција, отвореност и општа корист.

Тој на денешната средба со новинарите говореше и за предизвиците со кои се соочувала неговата земја минатата година, која ја оцени како напорна. Кина, како што рече, била исправена со комплицирано меѓународно опкружување, кинеската економија ја покажала својата еластичност, а во меѓународните односи неговата земја се водела од принципите мултилатеризам, меѓународна правичност и правда.

На прашањето каков е ставот на Кина за последните случувања на реалција САД-Иран, по убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани, Џанг потенцира дека Кина отсекогаш била против употреба на сила во решавање на меѓународните конфликти.

– Сите несогласувања и меѓународни конфликти мора да ги надминуваме со дијалог. Според нас, употребата на сила ќе создаде дополнителни проблеми и нема да придонесе за мирот, рече Џанг. Тој ја потвори изјавата на портпаролот на кинеското МНР, кој изрази надеж дека САД ќе покажат воздржаност во целокупната ситуација.

Џанг се осврна и на односите на Кина со Европа, кои ги означи како стабилни, а кинеската дипломатија во 2019 ја опиша со зборовите упорност, издржливост и решителност.

Неминовно го спомена и Хонг Конг, нагласувајќи дека Кина решително ја спроведува политиката „една земја, два система“ и ја поддржува Владата на Специјалниот административен регон Хонг Конг да престане насилството и да се врати редот што е можно поскоро.

– Исто така, Кина решително ќе се бори против надворешните сили, кои се мешаат во внатрешните работи на Хонг Конг и во Кина, со цел одлучно да ги пресече „црните раце“, кои се обидуваат да создадат „шарена револуција“ во Хонг Конг. Времето ќе докаже и покаже дека политиката една земја, два система, не само што ќе функционира во Хонг Конг, туку и ќе биде одобрена од локалните луѓе, рече Џанг.

Нагласи дека Кина станала важен дел од меѓународната кауза за борба против тероризмот и напомена дека категорично се спротивставува на какви било официјални односи меѓу Тајван и земјите, кои имаат дипломатски односи со Кина, која во моментов има воспоставено дипломатски односи со вкупно 180 земји во светот.

Кинескиот амбасадор Џанг на постоновогодишната средба со новинарите говореше и за економските перформанси на неговата земја, при што потенцира дека економскиот раст на Кина изнесува 6,1 отсто, па така таа се рангира меѓу најголемите глобални економии во светот.

Придонесот на Кина во растот на меѓународната економија ќе надмине над 28 отсто, а БДП по глава жител во Кина ќе достигне 10 илјади американски долари.  2020. е важна за Кина – ова година ќе се комплетира 13. Петогодишен план, а со него е предвидено целосно елиминирање на сиромаштијата во земјата.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Која е Кејт Мери Брнс, новата амбасадорка на САД во Македонија

Редакција

ЕДС го доби тендерот на „Водовод Битола“ за набавка на струја вреден 116.000 евра

Редакција

Максим Димитриевски на 9. октомври ја почнува иницијативата за формирање партија

Редакција