Вкупните приходи од работењето на Комерцијална банка во текот на минатата година изнесуваат 4,3 милијарди денари (околу 71 милиони евра) и бележат намалување од 12,4% во однос на претходната година, соопшти банката преку Македонската берза.
„Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето навкупните приходи од работењето и на 31.12.2019 година истите бележат намалување од 2,7% во однос на истиот период од минатата година главно како резултат на намалени приходи од камата од кредити дадени на нефинансиски друштва, поради намалување на нивната состојба, како и од намалени приходи од камати од секторите држава и финансиски друштва поради намалени каматни стапки на државните и благајничките записи.
Наспрема тоа, приходите од камата од секторот домаќинства бележат зголемување поради зголеменото кредитирање споредено со 2018 година и покрај намалување на активните каматни стапки. Планот за анализираниот период е остварен со 94,7%“, соопшти банката.
Оттаму информираат дека нето приходите од провизии и надоместоци на 31.12.2019 година изнесуваат 947,2 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 8%. Планот за анализираниот период е остварен со 102,6%.
„Нето приходите од курсни разлики на 31.12.2019 година изнесуваат 118,1 милиони денари и бележат намалување од 15,6%. Планот за анализираниот период е остварен со 84,9%. Останатите приходи од работењето на банката на 31.12.2019 година изнесуваат 819 милиони денари и бележат намалување како резултат на помалку реализирани приходи од капитални вложувања и капитална добивка од продажба на преземен имот“, информираат од банката.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Комерцијална банка лани оствари добивка од 29 милиони евра
Комерцијална банка планира добивка од 31 милион евра и помал број на вработени во 2020 година
Комерцијална банка: Бројот на вработени незначително се намалува поради пензионирање