Задолжително носење заштитна маска, држење физичка дистанца, честа дезинфекција на рацете и проветрување на просториите, се дел од правилата кои треба да се почитуваат во целокупниот изборен процес и на денот на гласањето, кој со оглед на истекувањето на вонредната состојба, треба да биде на 5 јули, но за кој нема согласност од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Комисијата за заразни болести пред еден месец, поточно на 14 мај излезе со Протокол за целокупниот изборен процес од предизборните активности до денот на гласањето.
Протоколот на прес-конференција го презентираше министерот за здравство Венко Филипче, кој тогаш изрази очекување сите политички субјекти да ги почитуваат одредбите од Протоколот.
Протоколот беше едногласно поддржан од сите членови на Комисијата за заразни болести и тој мора да се спроведува целосно, без исклучоци за да се заштити здравјето на граѓаните.
Предвидува мерки и ограничувања кои прецизно го регулираат начинот на кампањата, партиските активности и собирите. Составен е од четири дела во кои се опфатени предизборните активности, спроведувањето на кампањата, одржувањето на партиските состаноци и денот на изборите.
На денот на изборите, сите членови на избирачките одбори и набљудувачите мора да носат заштитна опрема, да седат во простории со отворени прозорци или често да ја проветруваат просторијата.
На секое избирачко место мора да има средства за дезинфекција, а гласачите да бидат на растојание од два метра и пред да влезат на гласање да ги дезинфицираат рацете. Маската треба да ја тргнат кратко само заради идентификација, а по гласањето повторно треба да направат дезинфекција на рацете.
Во просторијата никогаш да нема поголем број на гласачи од боксовите за гласање. Доколку постои можност, за што треба да се консултира ДИК, се препорачува зголемување на времето на гласање за два часа за да се избегнат поголеми метежи.
Во предизборниот период се препорачува сите активности да се одвиваат со почитување на физичката дистанца од еден и пол до два метри, задолжително носење заштитна маска на устата и носот и задолжително често миење на рацете.
При одржување на собирите, препорака е да се почитуваат сите овие мерки, да се води сметка за бројот на учесници и да се користат разгласни уреди за да се избегне поголема концентрација на луѓе на едно место.
Кампањата „од врата на врата“ да се реализира со заштитна опрема и физичка дистанца и да не се влегува во домаќинствата, туку само до врата или двор.
Партиските состаноци да се одвиваат на отворено доколку има можност за тоа, а во затворени простории да се почитуваат општите препораки за заштита и да се останува најмногу два часа по што треба да се изврши проветрување.
Мобилните штандови за рекламен материјал да немаат повеќе од двајца активисти на еден штанд, а партискиот превоз да се одвива со средствата за јавен превоз со максимум 50 проценти пополен капацитет. Притоа, задолжително е носењето заштитна маска, а превозниците треба да обезбедат средства за дезинфекција.
МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Караџовски: Не бива да го пуштиме народот тивко да се имунизира
Ако има избори на 5 јули, денеска стартува изборната кампања
Пендаровски: Одлука за прогласување вонредна состојба ако партиите се договорат за изборите