еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ЧИСТА ОКОЛИНА

Горјан Јовановски: Соработката помеѓу невладините, индустријата и инстититуциите да не остане на хартија, потребни се активности за почист воздух

Активистот за животна средина Горјан Јовановски и креатор на апликацијата „Мој воздух“ неодамна побара волонтери што имаат можност да постават веб-камера на повисока локација насочена накај индустриските капацитети околу Цементара Усје, за да има live stream кога ќе има загадување.

Неколку дена подоцна тој доби покана од раководството на компанијата да се запознае подобро со нивните активности и да започнат дијалог.

„Секако дека е потребна соработка меѓу сите сектори, од една страна активисти и невладини, од друга страна индустрија, а од трета страна државни институции. Загадувањето на воздухот е проблем за сите, и никој не е исклучен од одговорност.

Но, соработките не треба да останат исклучиво на харија и слики за ПР текстови, туку вистински да се преземат активности. Најважно од сè е дека не треба да чекаме некој друг да ги започне тие активности за нас, посебно доколку гледаме дека од одговорните лица нема можност, ресурси или желба.

Треба ние да се активираме, зошто загадувањето само по себе нема да исчезне, иако во летните месеци како и да забораваме што не чека во зима,“ изјави Јовановски за „еМагазин“ на прашањето дали дека доколку постои ваков тип на соработка помеѓу активисти, невладин сектор од една страна и индустриски капацитети од друга страна, може да се направи исчекор во однос на подобрување на состојбата со амбиенталниот воздух.

Инаку, по состанокот со раководството на Цементара Усје, Јовановски на неговиот фејсбук-профил сподели пет главни забелешки.

„1) Денес се сретнав со директорот, како и лица одговорени за техничкиот дел и екологијата.

2) Од нивна страна ми беа приложени мерења направени од 2 независни лаборатории за загадувањето на амбиенталниот воздух. Дополнително, ми беше кажано дека тие извршуваат мерења на секои 2-3 дена во околината на фабриката, а континуирани мерења се вршат и на оџаците. Ми беше приложена документација во која пишува дека нема прекорочување на законските норми.

3) Јас предложив да, заедно во соработка со Амбикон лабораторијата за мерење загадувања од УГД Штип (со кои имам прекрасно искуство и голема доверба), изготвиме план за поставување дополнителна мерна опрема што ќе е директно јавно достапна преку сервиси како МојВоздух. Тие сензори, заедно со снимки од проектот за камери, ќе може да покажат дали и какво загадување има од Усје. Не секој дим е загадувач (пример водена паера).

4) Од раководството на Усје ми беше пренесено дека се целосно расположени за поддршка на таков проект, што значи следен чекор е да контактирам со Амбикон и да испитаме на колку локации може да поставиме мерни инструменти за континуиран мониторинг.

5) Големиот план е да се има мерни станици во околината на големи индустриски капацитети, како и во густо населени места што се греат на дрва, со цел да може да се види точно каде колку загадување има. Овој предлог беше доставен до Град Скопје, но и да не биде одобрен/финансиран од градот, ќе најдеме други извори на финансии истите сензори да бидат поставени, а актери како Усје може да помогнат во ова.

Ќе бидам искрен, очекував состанокот да оди во по-негативна насока, и за тоа сум навистина позитивно изненаден. Доколку успееме да реализираме континуирани мерења на загадување од една од поголемите фабрики во скопскиот регион, ќе имаме урнек како да го изведеме тоа и кај другите.“

Фото: Фејсбук/Јовановски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кирацоски тврди дека власта обезбедила мнозинство за уставните измени

Редакција

Убава вест: Во Дебар нема повеќе заболени од корона вирусот, оздраве и последниот пациент

Редакција

Усвоен ребалансот на буџетот: Кој ќе добие помош од држвата?

Редакција