еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Заев до Радев: Недозволиво е мешање на една земја во друга, разузнавачки служби не ги утврдат правата на граѓаните

Недозволиво е мешање на една земја во друга земја. Тоа сме го декларирале во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Немам проблем со определбата на луѓето и нашиот претседател и Владата и Парламентот, стоиме на располагање да дадеме одговор за каква било резерва на каква било обесправеност на кој било граѓанин, оцени премиерот Зоран Заев во одговор на новинарско прашање за коментар за изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека ќе бара од службите во неговата земја „да преземат соодветни мерки за заштита на правата на Бугарите во соседна Северна Македонија“.

– Јас се надевам дека е информативен состанок во којшто сакаат да соберат информации од граѓани кои се со бугарска етничка определба и ќе споделат информација ако некаде некои права не се признаени, не се прифатени или се непочитувани.

Затоа што недозволиво е мешање на една земја во друга. Ние тоа сме го декларирале во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

И не само тоа, во разговорите одиме и понатаму за немешање за малцинствата, затоа што тоа се решава при Советот на Европа, преку Судот на Советот на Европа и таму се решаваат сите тие права.

Но, дефинитивно, ниту има потреба, ниту треба да дојде до судови, затоа што кој било граѓанин ако му е ускратено некое право или во најмала рака не се еднакви нивните права со останатите граѓани во Република Северна Македонија, стоиме како институции на располагање, рече Заев.

Тој нагласи дека присуствувал на отворање на бугарскиот културен центар во државата и на одржување на семинари и конференции и нема проблем со националната определба на луѓето.

– Впрочем ние се гордееме со нашата етничка разноликост во државата и најпријателски ќе дадам одговор. Претседателот на Бугарија, Радев отвора прашање и ева нашиот претседател, Владата и Парламентот и сите, и општините, стоиме на располагање за каква било резерва на каква било обесправеност на кој било граѓанин во нашата земја да дадеме дефинитивни точни одговор, рече Заев.

Тој децидно негираше дека државјани на Северна Македонија биле изложени на напади само затоа што се идентификуваат како Бугари и оти граѓаните во земјава се еднакви во правта.

– Апсолутно не. Знаете дека иако во Уставот немаме наведено етничка приапдност Бугари, кај нас на пописот постои правото на определба за етничка припадност на сите. Впрочем прашањето, како што сум информиран од Заводот за статистика, ќе гласи на која етничка заедница припаѓате. И граѓаните се определуваат целосно.

Секојпат правата на граѓаните биле еднакви. Ние сме мутлиетничка земја, ги почитуваме еднакво правата на сите, дури и оние најмалубројните заедници коишто постојат во државата. Значи дали се десетици на број, стотици, илјада-две-три… сите права до крај ги почитуваме затоа што во нашата земја се зборува за граѓански права, еднакви права, секако и еднакви обврски, рече Заев.

Воедно, тој упати порака до властите во Софија да не потпаѓаат под какви било инсинуации или неточни ифнорамции

– Уште еднаш испраќам силна порака до соседна Бугарија да бидеме внимателни заради тоа што секогаш сме знаеле да дадеме одговор за која било нивна загриженост, како што и тие знаеле да дадат одговор на наша загриженост. Да не потпаѓаме под било какви инсинуации или неточни информации. Секојпат може да ги провериме.

Ние сме земји членки на НАТО, ние сме сојузници, не ни треба испраќање на незнам какви разузнавачки служби или посебни служби да утврдат права на граѓаните. Таман работа, правата на граѓаните се светост во нашата земја, верувам така е и во Бугарија и во цела Европа и треба за пример да ги решаваме ваквите проблеми, истакна Заев.

Прашан за Акцискиот план и до каде е неговото усогласување со Софија, Заев ја потврди изјавата на шефот на дипломатијата Бујар Османи дека документот е речиси целосно усогласен и дека се во прашање уште технички детали за целосно да се дефинира.

Тој појасни дека станува збор за акциски план на секторско ниво, за соработка во делот на инфраструктурата, образованието, здравство, труд и социјална политика, транспортот, енергетиката… и оти во делот на меѓусебното прифаќање на техничките детали е во однос на тоа која од самите институции ја презема одговорноста за да ја унапреди соработката.

– Верувам, дека ќе се утврдат, затоа што тоа се технички детали и немаат никаква суштинска природа. Акциониот план, кој што ние го предложивме, беше надоплнет со идеи и размислувања од Бугарија и навистина е прифатлив.

Овде се работи само на креација како да ја збогатиме соработката која што ќе носи инвестиции.

Најприфатлива и најпозитивна за граѓаните е економската соработка која значи отворање на работни места, инвестиции наши во Бугарија, инвестиции од Бугарија во Северна Македонија, а тоа е врзано со плати, со извоз, со БДП.

Можам да кажам дека има неколку бугарски компании заинтересирани за енергетски проекти. Нашиот „Тиквеш“ отвори претставништво таму, ИГМ Кавадарци изгради огромна фабрика за производство на профили во Петрич, од преку 30-50 милиони евра. Се случуваат активности секој ден.

Тоа е таа секторска соработка која можеме да ја интензивираме. Земавме обврска јас и Борисов, оние 500-600 милиони трговија да може да достигнат една милијарда, нагласи премиерот Заев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Пендаровски: Бугарскиот претседател Радев се меша во внатрешните работи на Македонија

Специјалните служби да ги заштитат Бугарите во Македонија, бара бугарскиот претседател Радев

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Акции со најголем раст и пад на Македонската берза во јуни

Редакција

Денеска ќе пристигнат 38.000 вакцини „АстраЗенека“, а утре 100.000 од „Синофарм“

Редакција

Од коронавирусот почина маж од Лабуништа на 70 годишна возраст

Редакција