еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Како било лекувано момчето од Берово: ДСЗИ го објави извештајот

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) информира дека по допрен глас за починат пациент од Берово после хируршка интервенција на заб, извршен е вонреден инспекциски надзор во сите здравствени установи каде се јавил на преглед во врска со здравствената состојба која завршила со смртен исход – матичен стоматолог, матичен лекар и Итна медицинска помош Берово, ЈЗУ Клиничка болница – Штип и ЈЗУ Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар Скопје.

Од вонредниот инспекциски надзор на ДСЗИ е констатирана следната фактичка состојба:

Посета кај матичен стоматолог:

Од увид во индивидуалниот стоматолошки картон е утврдено дека од 10.08.2022 година д-р Слободан Рушковски од ПЗУ Д-р.Рушковски-ординација по општа стоматологија во Берово е матичен стоматолог на пациентот Ј.Д., кога за прв пат е извршен стоматолошки преглед при што е утврдено присуство на огромен оток на десна страна без можност да се изврши орален преглед поради болка и присутен тризмус (вкочанетост на долната вилица). Веднаш е креиран спец.упат до спец. по орална хирургија при ПЗУ д-р Чавков – д-р Бајрактаров орална – специјалистичка ординација по орална хирургија во Струмица) во мој термин за 09.30 часот на 11.8.2022 година.

Од увидот во здравствената евиденција и електронскиот систем е констатирано дека упатот не е реализиран, односно пациентот не се јавил на преглед. Препишана антибиотска терапија од страна на матичниот стоматолог.

На 13.08.2022 година пациентот Ј.Д. во 22.30 часот (сабота) поради болка и оток повторно се јавил на преглед при што како итен случај повторно е упатен до специјалист, но овој пат специјалист максилофацијален хирург при ЈЗУ КБ Штип.

Посета кај матичен лекар:

Истиот ден, на 10.08.2022 година по препорака на матичниот стоматолог пациентот се јавил кај матичниот лекар д-р Ванчо Ременски при ПЗУ Поликлиника Биомедика при што од извршениот преглед било констатирано оток и болка во десна букална и субмандибуларна регија, при што од страна на матичниот лекар е ординира друг антибиотик и остната супортивна терапија.

На ден 13.08.2022 година пациентот Ј. Д. дошол на контролен преглед при што е констатирано и понатаму присуство на оток и болка, назначено да продолжи со препорачаната терапија.

На 19.08.2022 година во индивидуалниот картон е заведен извештај (прилог кон отпусно писмо) од ЈЗУ КБ Штип-Максилофацијална хирургија од д-р Владимир Милошев со назначена терапија.

Посета ВО ИМП-Берово:

Од увид во амбулантскиот дневник на Итна медицинска помош Берово на 21.08.2022 година во вечерните часови (не е прецизиран часот) заведен е преглед на пациентот Ј. Д., кој побарал здравствена помош поради општа лоша состојба со постоечка инцизиона рана со дрен, извршена е тоалета и преврска на раната, ординирана амп. диазепам и.м, дадена оксигена терапија (кислород), препорачано земање на табл. парацетамол за дома, со напомена ако е потребно веднаш да се јави повторно на преглед на ИМП.

На 22.08.2022 година во 02.30 часот пациентот Ј.Д. со придружба од семејството повторно дошол во ИТМ-Берово каде поради влошена општа состојба му е ординирана терапија физиолошки р-р 500мл и амп. новалгетол 5 мл (и.м) и со возило на ИМП-Берово во придружба на медицинска сестра е транспортиран до ЈЗУ КБ-Штип каде веднаш е примен.

Лекување во ЈЗУ КБ Штип:

Пациентот Ј.Д. прв пат се јавил на преглед во ЈЗУ КБ Штип на ден 13.08.2022 година во дежурна ургентна амбуланта каде дежурниот доктор д-р Владимир Милошев специјалист максилофацијален хирург извршил преглед. Ординирана терапија, направена РТГ на глава и запис за прием на болничко лекување.

По приемот на хирушко одделение со максилофацијална хирургија извршена е екстракција на забот и киретажа, но бидејќи не е воспоставено спонтано дренирање извршена е екстраорална длабока инцизија со поставување на лашва за пасивна дренажа.

Пациентот е задржан на болничко лекување до 19.08.2022 година од каде по подобрување на општата и локална здравствена состојба, по извршена контрола на медијастинумот со цел утврдување на дистално ширење на инфекцијата направен е контролен Ртг на бели дробови и добиен уреден наод, направени се контролни лабараториски испитувања, со препорачана терапија е испишан на домашно лекување. Закажана е контрола за два дена односно за 21.08.2022 година.

На 21.08.2022 година пациентот се јавил на контрола во ЈЗУ КБ-Штип каде е извршена преврска на инцизионата рана и повторно му е закажана контрола за 23.08.2022 година.

На 22.08.2022 година во 04.40 часот поради влошена состојба (обилно крварење од инцизионата ектраорална рана, фебрилен, со отежнато дишење и намалена сатурација) со возило на итна медицинска помош од Берово е донесен во ЈЗУ КБ-Штип.

По пристигнување во ЈЗУ КБ-Штип пациентот Ј. Д. веднаш е спроведен во операциона сала, извршена е интубација и со општа анестезија пристапено е кон оперативна интервенција (подлабоко отварање на инцизионата рана). Истовремено земени се два бриса – не се најдени патогени бактерии според лабораторискот извештај додека резултатот од хемокултурата за време на инспекцискиот надзор се уште е во тек.

Истовремено телефонски е побарана консулатација со професор д-р. Даница Поповиќ спец. максиолофацијален хирург од ЈЗУ УК-Максилофацијална хирургија во Скопје, која лично пристигнала во 08.30 часот на 23.08.2022 година и дала насоки пациентот да не се транспортира во таква состојба во Скопје, туку во наредните 24 часа да биде следена неговата состојба на Одделението за интензивна нега со реанимација во ЈЗУ КБ-Штип.

На 23.08.2022 година поради влошување на здравствената состојба на пациентот Ј. Д., со болничко возило и во придружба на специјализант доктор по анестезија и главна медицинска сестра на анестезија е пренесен на ЈЗУ УК-Карил во Скопје.

Прием на ЈЗУ УК ТОАРИЛУЦ – ОЕ за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување:

Пациентот е примен на ден 23.08.2022 година по претходно креиран упат од страна на д-р Владимир Милошев од ЈЗУ КБ Штип за понатамошно лекување.

Пациентот е примен во крајно тешка состојба со знаци за септичен шок. Веднаш се преземени сите мерки за интензивно лекување, мониторинг, иследувања и терапија.

Пациентот доаѓа со веќе извршена дијгностичко иследување КТ на белодробие после кое заради итноста на ситуацијата е повикан торакален хирург кој по преглед на компјутерскиот наод поставува торакален дрен.

И покрај сите преземени мерки согласно протокол кај пациентот настапува смрт на ден 24.08,2022 година се вели во соопштението од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Детали за 25-годишниот пациент од Берово, кој почина од сепса: На Ургентен во Скопје бил примен во многу тешка состојба, со знаци за тешка системска инфекција

Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

НЛБ Банка со промотивна кампања и намалени каматни стапки за станбени кредити

Редакција

Детален преглед по градови: 30 починати и 633 заболени од коронавирусот во Македонија

Редакција

Нови фотографии од напаѓачот на Раде Трајковски Штекли, од обложувалница

Редакција