Осум деца и лице за обезбедување се убиени, ранети се седум лица, од кои шест деца и еден учител, а две од децата се во критична состојба. Убиецот е ученикот од седмо оделение (К.К.) на возраст од 14 години од ОУ „Владислав Рибникар“ на Врачар, во Белград, која оваа незапамтена трагедија ја планирал еден месец и тоа до најситен детал, беше соопштено на денешната вонредна прес конференција во српската Влада, јави дописникот на МИА од Белград.
Началникот на белградската полиција Веселин Милиќ на прес-конференцијата рече дека осомничениот сам се пријавил на полицијата да каже дека застрелал неколку луѓе.
-Според досега собраните информации, ученикот К. К. подолг временски период го планирал извршувањето на ова кривично дело. Мотивот се уште не е утврден, ниту пак тој не го кажал. Датумот 3 мај 2023 година го избрал затоа што училницата по историја била во близина на влезот на училиштето, каде неговиот клас VII-2 го имал првиот час.
Огненото оружје, пиштолот со калибар од 9 милиметри, со три рамки, како и малокалибарски пиштол, го зел од станот на татко му, го ставил во торба, а подготвил и понел и четири молотови коктели, изјави Милиќ.
Тој додаде дека веднаш по пристигнувањето во училиштето, убиецот го извадил пиштолот и го застрелал обезбедувачот Д. В. по што ги нападнал децата и А. Б.
-Пукал кон А.Б., кој стоел покрај масата, како и кон С.Н., кој бил покрај клавирот, и го убил. Потоа продолжил низ ходникот до училницата по историја, каде по пат ја заменил рамката, влегол во училница и веднаш пукал од врата кон наставникот и останатите ученици.
Потоа ја напуштил училницата, отишол во училишниот двор, каде ја вади рамката од оружјето, вика полиција и после тоа ние го апсиме, изјави Милиќ.
Шефот на полицијата го покажа списокот на деца што сторителот го составил и училишниот план на кој ги определил приоритетните цели и начинот на влегување во паралелките со бројот на деца што планирал да ги убие во секое одделение.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во Србија прогласена тридневна жалост
МИА