еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

ЕУ не е фокусирана на датумот, туку на заслугите, велат од Европска комисија за проширувањето

Проширувањето на Европската унија е политички приоритет за Европската комисија, но тоа е процес заснован на заслуги, изјави денеска портпаролката на Европската комисија (ЕК), Дана Спинант.

Kога станува збор за проширувањето, на прес-конференцијата таа истакна дека ЕК не е фокусирана на датумот, туку на блиска соработка со земјите кандидати за подготовка за влез во ЕУ.

На прашањето дали претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој на Бледскиот стратешки форум рече дека ЕУ треба да биде подготвена да прифати нови членки до 2030 година, ја координирал таа изјава со претседателот на ЕК, Спинант рече дека не знаела за „било какви контакти во врска со овој говор“.

– Проширувањето за нас е приоритет и политички приоритет, рече Спинант и укажа на посветеноста на ЕК следниот бран на проширување да биде успешен.

Таа подвлече дека проширувањето е процес заснован на заслуги што, појасни, значи дека кандидатите треба да влезат во ЕУ кога ќе бидат подготвени. Спинант додаде дека Европската комисија не коментира што велат партнерите или другите заинтересирани страни.

– Можам само да го истакнам нашиот став и нашата визија за проширување и како најдобро да се управува со процесот. Клучниот збор за нас и суштината за нас е дека проширувањето се заснова на заслуги и треба да остане засновано на заслуги, нагласи таа.

На прашањето дали мисли дека ЕУ е подготвена за проширување и дали треба да спроведе внатрешни реформи или дури и уставни и договорни реформи и кога тоа треба да се случи, Спинант изјави дека за проширувањето е потребно да се подготват и од земјите кандидати и од ЕУ.

– Би било несоодветно во оваа фаза да шпекулирам или повеќе да се занимавам со суштината на таквата подготовка од страна на ЕУ, изјави таа.

Како што додаде, се очекува дебата за ова прашање на лидерската средба во Гренада на самитот што ќе го свика Шпанија како претседавач со ЕУ во наредните недели.

На прашањето дали ЕК има датум кога ќе го објави извештајот за напредокот на земјите-кандидатки кој е закажан за октомври, таа рече дека не е одреден конкретен датум, но ќе биде во тој период.

Како одговор на коментарот дека се зборува за проширување, но дека ништо конкретно не се случило на овој план во последните неколку години и на прашањето дали одредувањето датум ќе ги поттикне кандидатите да ги забрзаат реформите и да ги исполнат критериумите, а ЕУ да се подготви да ги прифати, таа изјави дека ЕК не е фокусирана на датумот, туку на блиска соработка со земјите кандидати за подготовка за влез во ЕУ.

– Фокусирани сме да ги поддржиме во реформите и инвестициите кои им помагаат да ги трансформираат своите економии и да се доближат до регулаторните барања што е важно да се исполнат пред влезот во ЕУ, подвлече таа.

Според неа, покрај Украина, главен приоритет за ЕУ ​​се Молдавија и Западен Балкан. Таа додаде дека ЕК се надева дека секоја земја-кандидат ќе биде мотивирана да спроведе реформи и повтори дека проширувањето е процес заснован на заслуги, во кој кандидатите се движат кон ЕУ со свое темпо.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мишел од Блед порача дека до 2030 година ЕУ треба да биде подготвена за ново проширување

Можно е проширување и пред 2030, но прво ЕУ треба да се реформира, порача од Блед француската државна секретарка за Европа

МИА/Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Каков имот пријавила Наташа Гоџоска, која е избрана за обвинител во Вишто јавно обвинителство Скопје

Редакција

„ЗСФ-КОМ“ и „Современ дом“ сакаат целосно да го преземат „Скопски пазар“: Нудат 6.500 денари за акција

Редакција

Меѓународниот суд во Хаг побара апсење на Нетанјаху и лидерот на Хамас

Редакција