Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, синоќа пред седиштето на партијата обвини дека потрагата против поранешниот лидер на партијата, сега пратеник, Никола Груевски е класична злоупотреба на полицијата за партиско-политички цели, хајка и линч врз сите кои мислат поинаку.
Претходно полицијата имаше два неуспешни обиди да го најде Груевски во неговиот дом, па потоа вршеше легитимирање на лица на паркингот кај седиштето на партијата и ги проверуваше возилата кои излегуваа од него.
Јанушев обвини дека во „ваквиот прогон“ власта ги злоупотребува и медиумите и оти „овој притисок е удар врз опозицијата“, кој рече дека нема да „помине туку така“.
Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преземе сите правни, демократски и сите неопходни средства за да застане на патот на „злоупотребата на институциите и обидот за замолчување на опозицијата“.
„Доколку полицијата поседува налог и навистина се сомнева дека Никола Груевски е во штабот може слободно да дојде и со нас да провери. Ова е политички прогон, ништо повеќе, ништо помалку„, кажа Јанушев.
Рече и дека нема сознанија каде е Груевски и дека тој лично нема контактирано со него повеќе од осум месеци.
Синоќа полицијата го провери и неговото возило.
МВР вчера распиша национална потерница за Груевски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Адвокатот Дангов нема сознание каде се наоѓа неговиот клиент Груевски
Заев: Не верувам дека Груевски ќе си дозволи да бега
Стојанче Ангелов: Да не се вознемируваат децата и сопругата на Груевски
(ФОТО) Распишана национална потерница за Никола Груевски