Во емисијата „Кирилица“ на авторот и водител Миомир Мариќ на српската телевизија ТВ Хепи, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за прв пат соопшти детали за бегството на поранешниот македонски премиер, сега пратеник, Никола Груевски.
До сега од Србија немаше ниту една информација за бегството на Груевски, освен тоа дека нема српски пасош или државјанство.
Според Вуќиќ, Груевски ја преминал границата меѓу Србија и Унгарија рано наутро на 12. ноември во придружба на двајца Унгарци и со привремен документ-пасаван.
„На 12. ноември во 5 и 11 часот именуваното лице ја напушти Србија преку преминот Хоргош со пасаван број 100.501 издаден во Тирана, со лична карта и во придружба на две лица со дипломатски документи и со дипломатско возило, рече Вучиќ.
Привремениот документ на Груевски му бил издаден во Тирана, и со него успеал да стигне до Унгарија и да побара азил во Канцеларијата за емиграција во Будимпешта.
Вучиќ рече дека за бегството не е виновна ниту Србија, ниту Црна Гора, ниту Албанија туку македонските власти кои му дозволиле да избега без да распишат меѓународна потерница по него.
„Дури на 13.11. во 19.35 часот од Интерпол Скопје ни беше доставена потерница. Значи, доколку го сопревме тоа ќе беше киднапирање на Груевски од наша страна. Три дена подоцна. Кого Вие зафркавате. Барате Србија да апси луѓе без потерница. Да не мислите дека ние сме дива држава? Дали тоа го очекувате наместо да се прашате кого пуштивте и зошто толку чекавте?, рече Вучиќ.
Вучиќ во интервјуто на телевизијата ТВ Хепи, отвори уште една дилема. Вели дека Груевски и македонско-албанската граница ја поминал заедно со Унгарци. Според официјални информации од албанските власти, тој не е регистриран легално на влезот во Алабанија, туку само на излез.
„На 10. ноември во текот на ноќта, некаде меѓу 1 и 2 (часот), немаме официјални податоци, лицето Никола Груевски влегува на територијата на Албанија. Влегува во придружба на две лица од унгарска националност и влегуваат во Црна Гора, на преминот Божај, повторно со регуларни документи и со пасаван издаден во унгарската амбасада во Албанија. Потоа влегува во Србија на 11. ноември во 22:27 преку граничниот премин Гостун повторно со важечка лична карта„, рече Вучиќ.
Дека од Албанија, Груевски излегол со унгарски дипломати, соопштија и албанските власти, а црногорските медиуми пак објавија дека Груевски во Црна Гора влегол и излегол во придружба на дипломати од Унгарија.
Како влегол во Албанија од Македонија, останува непознато. Од македонските власти за сега нема никакви информации.
Информации нема и од унгарските власти, кои посочија дека додека трае процедурата за азил, кој го бара Груевски, нема да соопштуваат никакви детали.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Што е пасаван, со кој според Вучиќ, Груевски избега до Унгарија
Адвокатот на Груевски: Ми се јави од Унгарија, „киднапирањето“ го примив со неверување
(Фото) Транспарент со Груевски „виси“ на унгарскиот Парламент
Зошто на Груевски кој нелегално влегол во Албанија, му било дозволено да излезе со лична карта
МНР упати протестна нота до Унгарија поради бегството и азилот на Груевски