еМагазин
Image default
Македонија

Заврши преслушувањето на „бомбите„ во „Титаник“: „Исклучувајте лифтови, тепајте луѓе“

Со преслушување на околу 50 снимени разговори како доказен материјал во предметот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство заврши денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје. За седум разговори јавноста беше исклучена поради приватност на сведоците.

Дел од аудио разговорите беа повлечени од страна на обвинителката Лиле Стефанова од СЈО, бидејќи нивната содржина е дел од други предистражни постапки на СЈО.

Следното рочиште е закажано за 30 ноември кога ќе бидат разгледувани СМС пораки како доказен материјал.

Во најголем дел од аудио разговорите што денеска беа слушнати во Кривичниот суд се слушаше гласот на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески како ги координира активностите за изборите во 2013 година, како се обезбедуваат гласачи од Кавадарци, Свети Николе, Мала Преспа и Пустец и како се договара исклучување на лифтовите од зградите за да не може гласачите да излезат на гласање.

– Исклучувајте лифтови, тепајте луѓе, вели Јанакиески во еден од разговорите.

Во неколку разговори поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска е информирана дека зад автобусот со гласачите од Пустец е автомобилот на Нано Ружин и оти имало камери при што на една екипа им биле скршени касетата и картичката, на што Јанкуловска вели дека ќе ја изменаџира ситуацијата само нека помине денот.

Во друга ситуација, Јанкуловска бара од одредено службено лице да види што се случува во основното училиште „Коле Неделковски“ каде имало агресивен полицаец, кој  што, како што вели Јанкуловска најверојатно е комуњар и ги плаши „човечињата“ кои одат на гласање.

Во предметот „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, на кого му се суди во отсуство, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, кои се во притвор, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, како и Мартин Протуѓер, Билјана Бришкоска-Бошквски, Илија Димовски, поранешниот градоначалник на Пустец, Едмонд Темелко и уште неколкумина други.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Јана Стојановска: Мајка ми е невина, ќе бараме да се брани од слобода

Редакција

Се огласи Груевски: Два стана се на мајка ми, а другите два беа под закуп, нема на име на секретарка

Редакција

МВР: Повторно се испратени лажни пораки за наводна тековна истрага

Редакција