еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Детален преглед: Какви промени носи имплементацијата на законот за употреба на јазиците?

Со излегувањето на законот за употреба на јазиците во Службен весник доаѓаат низа промени во однос на употребата на албанскиот јазик во Македонија односно тој станува втор службен јазик во земјава.

Неизбежен заклучок е дека најголема корист од овој закон ќе имаат преведувачите, бидејќи албанскиот јазик ќе се користи на седници на Влада, во Собранието и другите државни институции, кај нотарите и извршителите и каде уште не.

Имено, со член 1 од законот е пропишано дека „на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Исто така, друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик и неговото писмо (албански), согласно овој закон“.

Исто така, во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо е и јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, на начин определен со овој закон.

Исто така, и во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Во член 2 од законот е уредено дека граѓаните имаат право да употребуваат било кој од наведените службени јазици и нивните писма, а институциите од овој закон, како и другите институции имаат обврска да им овозможат на граѓаните користење, употреба и примена на тие службени јазици и нивните писма во било која постапка, како и спроведување на тие постапки на тој службен јазик и писмо.

Во согласност со правото на граѓаните да употребуваат било кој од наведените службени јазици во судските, управните, извршните постапки, предистражните и истражните постапки, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарнични постапки, постапка за извршување на санкции како и другите постапки предвидени со други закони, судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции се обврзани да овозможат користење, употреба и примена на било кој од службените јазици во тие и други постапки.

Во институциите на државната власт во Република Македонија службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо е и јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо во: комуникацијата, употребата и примената во сите постапки на граѓаните пред сите органи кои што ја сочинуваат државната власт (Собрание на Република Македонија, Претседател на Република Македонија, Влада на Република Македонија, судство, јавно обвинителство), Уставен суд на Република Македонија, Народен правобранител на Република Македонија, во изборниот процес, образованието, науката, здравството, културата, при примената на полициските овластувања, во радиодифузната дејност, нотаријатот, извршувањето, инфраструктурните објекти, матичната евиденција, личните документи, финансиите, економијата, како и во други области.

Член 3 се однесува на употребата на јазикот од страна на избраните или именуваните функционери во институциите.

Имено, со овој член е пропишано дека избрани или именувани функционери како и други институции чие седиште е во Скопје или општини во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, во нивната службена комуникација го употребуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, доколку најмалку еден од избраните или именуваните функционери збори службен јазик различен од македонскиот јазик.

Со член 4 се уредува материјата за употреба на јазиците во Собранието на Република Македонија. Имено, согласно овој член, во работата на Собранието на Република Македонија службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.

Во став (2) е предвидено дека пратеник, избран или именуван функционер кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија.

Согласно став (6) стенограмите од седница на Владата, од седница на комисии и генерални колегиуми како и другите материјали и документи се издаваат и се чуваат на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

Став (7) од овој член регулира дека сите акти донесени од страна на Владата се издаваат и објавуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

Во член 6 е уредена материјата за употреба на јазиците во институциите. Имено институциите се обврзани по службена должност да обезбедат употребата, комуникацијата и постапките да се одвиваат на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо доколку лицето, односно учесникот зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија.

Во став (3) е пропишано дека избрано или именувано лице кое зборува јазик различен од македонскиот јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, личното име во одлуките и другите акти во рамките на надлежностите на институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, како и сите други институции, го пишува на својот јазик и писмо.

Исто така, со овој член е пропишано и дека веб страниците на институциите од член 1 на овој закон и содржината на веб страниците покрај на македонскиот јазик и неговото писмо, задолжително се објавуваат и на јазикот различен од македонскиот јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

Во член 7 од Предлогот е уредена материјата за јазикот на пишување на називите на институциите. Имено, согласно овој член, називите на институциите ќе се напишат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, како и на англиски јазик.

Во член 8 е уредена материјата за јазикот на поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи издадени од институциите, фактурите од институциите и бандеролите.

Имено, согласно овој член тие се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо. Поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи издадени од институциите, фактурите од институциите, бандеролите, се пишуваат на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Исто така, книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Во став (3) е пропишано дека униформите на полицијата; пожарникарството; здравството; во Скопје и во единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се напишани на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

Во член 9 е уредено користењето на јазиците во судските, управните, извршните постапки, постапката за извршување санкции, предистражни и истражни постапки, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарничи постапки, како и другите постапки пред судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и институции.

Во наведените постапки, се применува македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Сите постапки од став (1) на овој член се водaт на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо доколку судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија.

Исто така, сите одлуки, писмена и други акти кои произлегуваат од постапките од став (1) на овој член се донесуваат и издаваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо доколку судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија.

Во став (4) од овој член е пропишано и дека институциите наведени во став (1) на овој член се обврзани да овозможат превод на сите потребни документи и материјали, како и симултан превод на излагања, изјави и рочишта во работата или постапките што се водат.

Необезбедувањето на превод на сите потребни документи и материјали, односно необезбедувањето на симултан превод за време на целиот тек на постапката преставува суштинска повреда на постапката.

Во членот 10 е уредена употребата на јазиците во постапките пред нотарите и пред извршителите. Согласно овој член, во постапките пред нотар, нотарските исправи и заверки може да се издаваат на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.

Во постапките пред извршител доколку учесник е лице кое го зборува јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија, налозите, заклучоците, записниците, службените белешки и другите акти на извршителите се издаваат на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.

Во член 11 е регулирана материјата за употреба на јазиците во сферата на извршувањето на санкциите.

Имено, институциите надлежни за управување со институциите за извршување на санкции, како и самите институции надлежни за извршување на санкции се обврзани во комуникацијата и постапките да го применуваат македонскиот јазик и неговото писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо доколку лицето за кое станува збор зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија.

Во член 12 е пропишано дека матичните евиденции во Скопје и единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот се водат и на службениот јазик кој го збори граѓанинот. Решенијата, изводите, потврдите како и другите акти се издаваат и на службениот јазик кој го збори граѓанинот.

Личните документи и патните исправи на граѓаните кои зборуваат на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, по службена должност се издаваат на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Во член 13 е уредена материјата за јазикот и писмото на печатење на образецот на личната карта.

Имено, на граѓаните кои зборуваат јазик различен од македонскиот јазик што го зборуваат помалку од 20% од граѓаните на Република Македонија, образецот на личната карта се печати и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот.

На граѓаните кои зборуваат јазик различен од македонскиот јазик што го зборуваат помалку од 20% од граѓаните на Република Македонија, на нивно лично барање, податоците за личното име што се внесуваат на личната карта се запишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот.

Во член 14 е уредена материјата за јазикот и писмото на печатење на образецот на пасошот и патниот лист. Имено, на граѓаните кои зборуваат јазик различен од македонскиот што го зборуваат помалку од 20% од граѓаните на Република Македонија, на нивно барање, образецот на патната исправа и патниот лист се печати и на јазикот и 20 писмото што го употребува граѓанинот.

Во член 15 е пропишано дека на седниците на Државната изборна комисија и општинските изборни комисии во Скопје и единиците на локална самоуправа во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, при спроведување на изборите во работата и постапките на сите комисии и други тела и институции подеднакво се користат, употребуваат и применуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Во член 16 е уредено дека име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект во сите единици на локалната самоуправа каде што најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, како и во Скопје се пишува на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо како и на јазиците што се општо прифатени од меѓународната заедница.

На граничните премини на Република Македонија и аеродромите кои се наоѓаат на подрачјата каде најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик називите на институциите, другите натписи и патокази се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Во член 17 се предвидува дека сите закони, подзаконски акти, одлуки и огласи од институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон кои што се објавуваат во Службен весник на Република Македонија се објавуваат на македонскиот јазик и неговото писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Во член 18 е пропишано дека заради остварување на целите на овој закон, промовирање, заштита и воедначена примена на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо се основа Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија со својство на правно лице, надлежен за стандардизирање и воедначена употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо со помошни тела за поддршка на институциите.

Директорот на Агенцијата го избира Владата на Република Македонија по претходно објавен јавен повик со мандат од 4 години со право на реизбор. Во Агенцијата покрај овластени судски преведувачи се вработуваат и лингвисти и дипломирани филолози по албански јазик, како и лиценцирани лектори.

Во членот 19 се пропишано надлежностите на Агенцијата и тоа: поддршка на институциите во остварувањето на обврските од овој закон вклучувајќи превод и лекторирање на документи; лекторирање на сите акти што се објавуваат во Службен весник на Република Македонија; промовира и презема мерки за унапредување на употребата на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија; изготвување на извештаи за информирање на Владата на Република Македонија за спроведување на нејзините надлежности; за потребите на Владата на Република Македонија да подготвува стручно-аналитички материјали од своја надлежност; дава стручни мислења по материјалите кои се во функција на спроведување и унапредување на употребата на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија; други работи поврзани со спроведувањето на целите утврдени во овој закон.

Значајна новина која се воведува со овој закон е Инспекторатот за употреба на јазиците. Имено, со членот 20 е пропишано дека за надзорот над целосно и доследно спроведување на одредбите на овој закон кои се однесуваат на употребата на јазиците, се формира Инспекторат за употреба на јазиците (во натамошниот текст: Инспекторатот), во состав на Министерство за правда со својство на правно лице. Инспекторатот ќе се регулира со посебен закон.

Во член 21 е пропишано дека Владата на Република Македонија и сите институции надлежни за спроведување на одредбите од овој закон, ќе донесат мерки за промовирање на примената на сите службени јазици како и за гарантирање на заштитата на јазиците на другите заедници чиј мајчин јазик не е службен јазик.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Глоба до 5.000 евра за институциите кои ќе „подзаборават“ на законот за употреба на јазиците

Твитер за Законот за јазици: „Како е смештај дан требит на албански? За двојазичноста прашвам…“

(Фото) Ахмети со двоглав орел честиташе за Законот за јазици

(Фото) Законот за јазици без потпис на Иванов, објавен во Службен весник

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Цената на становите „скокна“ за 12,4% во првиот квартал од годината

Редакција

Што треба да направите ако сте го пропуштиле терминот за вакцинација?

Редакција

Избегната трагедија: Намерно оштетени две цевки од системот за довод на кислород во тетовската болница

Редакција