Македонското Собрание станува сериозна конкуренција на продукцијата во Холивуд. Филм, сценарио, актер, глума… се најчестите зборови кои во јавноста и на социјалните мрежи се користат за да се опишат последните случувања поврзани со одземањето на пратеничкиот имунитет на поранешниот претседател на Парламентот и актуелен пратеник Трајко Вељаноски, кои се поклопија со овогодинешново доделување на престижните оскари.
Остана уште да се одреди жанрот на последниот „филм“, дали е драма или трилер. Собранието последниве неколку години за жал беше местото каде се снимаа и хорор „филмови“.
За овој последниов има „гужва“ кој ќе го добие Оскарот за најдобар актер за главна, а богами и за споредна улога, сценарио и режија.
Талат Џафери, од ДУИ, кој е претседател на Собранието, влегува во трката како еден од најсериозните кандидати за Оскарот за најдобра главна улога. Тој во многу поекстремни ситуации успеваше да се снајде и да ја заврши работата до крај, но овој пат „подлегна“ на дофрлувањата и „пцовките“ на неговиот собраниски колега, пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири, кој е еден од сериозните кандидати за Оскар за споредна улога.
Конкуренција на Талат Џафери му е независниот пратеник Павле Богоевски, (дел од коалицијата на СДСМ), кој е претседател на Комисијата која одлучуваше дали ќе му се одземе имунитетот на Вељаноски, пред работава да стигне до пленарна седница.
Кога сме кај Богоевски, да спомнеме уште двајца сериозни кандидати за Оскар за споредна улога, пратениците на ДУИ, Агим Шаќири, кој се „разболе„ пред гласањето во Комисијата, и неговата заменичка Мирсаде Емини Хасани, која како што рече Богоевски не одговарала на телефон кога ја барал и која имаше „проблем“ да стигне на време за да гласа, а тој немал време да ја чека.
Да не го заборавиме и организацискиот секретар на ДУИ, пратеникот Артан Груби, кој со знакот „сечи“, кој му го упати на партискиот колега Џафери за да ја прекине седницата, сериозно „му дише во врат“ за Оскарот за најдобар актер.
Ако се прашувате зошто нема преставници на ВМРО-ДПМНЕ во трката, одговорот е дека тие се надвор од конкуренција за овие две престижни награди, но се сериозни претенденти за оскар за режија или сценарио, а работите во овие категории може да им ги „поматат“, кандидатите за награди од ДУИ.
Кој се ќе биде и официјално номиниран за Оскар ќе знаеме веќе на престојните претседателски избори, а прогласувањето ќе биде на предвремените парламентарни избори, кои стануваат се поизвесни.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„А шо демек Вие сте немале секс со бивши, па им замерувате на ДУИ за ВМРО?!“: Твитер се „вжешти“
Зекири: Прашање е дали Талат Џафери свесно одработи за ВМРО-ДПМНЕ
Џафери: Собраниската седница прекината поради дофрлањата на пратеникот Мухамед Зекири