Прашан за третманот на специјална обвинителка Катица Јанева, која е во притвор, директорот на Истражниот затвор Скопје во Шутка, Есад Рахиќ, во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“, вели дека таа не е во женско одделение, туку во еден посебен оддел каде што според безбедносната проценка на затворската управа има друг третман, од безбедносен здравствен и секаков друг аспект.
„Со оглед на тоа што станува збор за личност која била специјален јавен обвинител, посебен општествен интерес, бидејќи тоа така брзо е направено, ние сметавме дека во еден временски период треба да направиме комплетна безбедносна и здравствена проценка и слично и госпоѓата да биде сместена на адекватно место.
Ние сме малку ограничени со тие сместувачки капацитети, ние имаме три одделенија и за жал после подолго време, прв пат во историјата на притворот и на затворот се случува да имаме некаде околу 18-20 жени, најмногу имало по 3-4.
Тоа се поголеми одаи, да не речам ќелии, во кои има по 4,5 или 6 жени. Малку е незгодно, има разни профили на жени внатре, имате женски лица судени за убиство, имате за изнуда и малку е тешко да вклопите еден таков профил како госпоѓа Јанева меѓу тие лица, но ние си ја вршиме нашата работа, така што таа е сместена на најдобар начин на кој што можеме да го направиме“, вели Рахиќ за РСЕ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
За синот на Катица Јанева нема доволно докази дека е вмешан во „Рекет“
По притворот на Катица Јанева: Непристоен предлог е „Рекет“ да не се политизира
Колкава затворска казна може да добие Јанева, доколку биде осудена за „Рекет“?