еМагазин
Image default
Локално

Сузбиена криминална група: Дилале марихуана во Струга, Охрид, Битола, Велес и Тетово

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност во МВР, во соработка со СВР Охрид и Одделот за специјални полициски операции, а во координација со Основното јавно обвинителство Струга, сузби криминална група која се занимавала со набавка и продажба на марихуана во Струга, Охрид, Битола, Велес и Тетово, информира МВР.

Во повеќе координирани акции досега од слобода се лишени 10 лица државјани на РСМ и при претресите се запленети околу 20 килограми марихуана, други опојни дроги, седум возила и еден мотоцикл.

Во текот на истрагата било утврдено дека групата била предводена од Л.Г.(25) од Струга, кој бил задолжен за набавка, организирање на транспорт и дистрибуција до уличните дилери заради понатамошна препродажба и М.Д.(23) од Струга, кој дрогата ја криел во викенд куќа во с.Горна Белица, каде таа била пакувана и доставувана на Л.Г. за понатамошна продажба.

На почетокот на август 2019 година на регионалниот пат Ресен-Битола извршен бил преглед во патничко возило „мазда“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Д.Д.(38) од Велес и биле пронајдени околу 4,5 килограми марихуана, додека при претрес во неговиот дом биле пронајдени и одземени уште 2,5 килограми марихуана.

Исто така, во рамки на спроведеното истражување на подрачјето на Охрид, од слобода се лишени лицата Л.Г.(34) и А.В.(38), двајцата од Скопје. При претрес во апартман во населба Лагадин, каде што привремено престојувале и во патнички возила „опел вектра“ и „фолксваген пасат“, биле пронајдени и одземени околу три килограми марихуана. На средината на август на влезот на Битола, при преглед на патничко возило „мицубиши“ управувано од З.К.(32) од Битола, била пронајдена и одземена марихуана, за што била поднесена соодветна пријава.

При крајот на август од слобода се лишени Н.М.(52) и Г.М.(26), двајцата од Тетово, бидејќи при преглед на патничко возило „БМВ“ на регионален пат с.Фалише и с.Сараќино биле пронајдени и одземени околу 10 килограми марихуана. Сите овие лица дрогата ја набавувале од Л.Г. и М.Д.

Исто така, на 04.09.2019 извршени се претреси на повеќе локации во Охрид и Струга кај членови на криминалната група. Во Охрид се извршени претреси на две локации, кај П.К.(34) и Р.Т.(29), при што била пронајдена и одземена марихуана. На подрачјето на Струга извршени се претреси на дом и други простории на пет локации и тоа кај лицата Л.Г. и М.Д., при што биле пронајдени и одземени две дигитални ваги, патни торби со остатоци од марихуана, мобилни телефони, СИМ картички, пиштол „Чешка Зброевка“, една рамка и 16 куршуми, патничко возило „фиат пунто“ и мотоцикл „трува“.

Сите четворица биле лишени од слобода и против нив ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” и „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

Врз основа на судска наредба извршен е претрес и во дом и други простории кај лицето М.М.(32) во Струга поради сомнение за инволвираност во недозволена трговија со дрога. Притоа, биле пронајдени и одземени марихуана и шишиња исполнети со непозната течност, за што по извршено вештачење дополнително ќе биде поднесена кривична пријава против лицето М.М.

Фото: МВР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пронајдени заљубените малолетници од Куманово и Велес

Редакција

Судењата од Одделот прекршоци – сообраќај од денеска во стариот Кривичен суд

Редакција

Во Битола украдено возило на грчки државјанин

Редакција