еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Ја слушаат ли Владата: Ги објавуваат ли службените трошоци директорите на јавните и државните претпријатија?

Ја почитуваат ли директорите на јавните и државните претпријатија и нивните заменици одлуката на Владата од април минатата година на своите веб страни да ги објават податоците за нивните службени трошоци?

еМагазин направи анализа на десет веб страни на јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост по случаен избор, а во нашата анализа опфативме претпријатија кои често се споменуваат во јавноста или пак важат за едни од најголемите во Македонија.

„Најдоцна до 20.06.2018 година се задолжуваат директорите и замениците на директорите на самостојните органи на државната управа, на органите во состав на Министерствата и на Инспекцискиот совет, на своите веб – страници да ги објават податоците за нивите службени трошоци за периодот од 01.12.2014 до 31.05.2015 година и за периодот од 01.12.2017 до 31.05.2018 година.

Истото, им се укажува да го сторат и директорите и замениците на директорите на јавните претпријатија, правните лица со јавни овластувања и акционерски друштва во државна сопственост.

Обврската за објава на службените трошења, на долг рок ќе обезбеди ефикасност во работењето на институциите, како и зголемена одговорност на власта која работи транспарентно и отчетно без злоупотреба на државните ресурси„, стои во одлуката на Владата од април минатата година.

Која е нашата оценка?

Генералната оценка од нашата анализа е дека претпријатијата кои ние ги избравме ја почитуваат одлуката целосно или половично, но она што е видливо кај сите, освен кај едно е дека се уште немаат објавено податоци за 2019 година.

Некои ги од нив ги објавиле трошоците на директорите, но не и на нивните заменици.

Исто така, мора да се напомене дека кај голем дел од нив, до податоците се доаѓа потешко, бидејќи не се доволно видливи.

Квалитетот пак на објавените податоци, еМагазин ќе го анализира во друга прилика.

За две од јавните претпријатија не успеавме да најдеме податоци.

Кои претпријатија ги анализиравме?

Анализата ја започнавме со Македски шуми или по ново Национални шуми.

На веб страната постои дел, јасно видлив, кој се однесува на оваа владина одлука и се објавени одредени податоци, кои се однесуваат за периодот од јуни до ноември 2018 година, а станува збор за службените трошоци на директорот Зоран Ѓорѓиев.

И на веб страната на Македонски желзници-транспорт или по ново Железници на Република Северна Македонија има јасно видлив означен дел кој се однесува на службените трошоци на менаџментот.

Објавени се службените трошоци за генералниот директор Костов Николчо за периодот од јуни до ноември 2015 година, за генералниот директор Љубиша Ристиќ, за периодот од јуни до декември 2018 година, но не и на генералниот директор Шабан Зендели.

На веб страната на Аеродроми на Македонија или по ново Аеродроми на Република Северна Македонија можат да се најдат службените трошоци на целиот Управен одбор (УО) на оваа државно акционерско друштво.

Па така на веб страната се поставени службените трошоци на генералниот директор и претседател на УО, Виктор Петрушевски, на членот на УО, Лидија Чоклевска, на претседателот на УО, Мирјана Ќ Димоска и на Назиф Буши, помошник директор за инвестиции и менаџмент.

Нивните трошоци се однесуваат за периодот од јануари до јуни 2019 година.

На веб страната ЕЛЕМ или по ново ЕСМ, можат да се најдат службените трошоци на Драган Миновски, Фатмир Лимани и Дејан Бошковски, за периодот од 2015 до 2018 година.

На веб страната на другата голема државна енергетска компанија, МЕПСО, исто така можат да се најдат податоци за службените трошоци за периодот од 2017 до 2018 година.

Вакви податоци можат да се најдат и на веб страната на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење на Републиката.

Овде можат да се најдат информации за службените трошоци на директорите Кристијан Трајковски и Цветко Грозданов и нивните помошници, за периодот од 2015 до 2018 година.

На веб страната на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) – Скопје не можат да се најдат вакви податоци.

На веб страната на Македонска пошта или по нова Пошта на Северна Македонија можат да се најдат податоци за директори и нивни заменици, за периодот од 2014 до 2018 година.

Вакви податоци, потешко, можат да се најдат и на веб страната на ЈП Македонија пат за Гајур Кадриу, за период од 2017 до 2018 година.

На веб страната на ЈП Службен весник на Република Северна Македонија не успеавме да најдеме вакви податоци.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Бугарија доби преодна влада, нови избори ќе има во октомври

Редакција

Блажун Вошнер: „Имаме македонски лекари со успешна кариера во Словенија, но отворени сме за нови”

Редакција

Грчки борбени авиони ќе го чуваат македонското небо

Редакција