Нашата поддршка на евроинтеграцијата на Северна Македонија никогаш не била безусловна – има еден многу јасен услов, а тоа се добрососедските односи, изјави вицепремиерката и шефица на дипломатијата на Бугарија, Екатерина Захариева.
„Не постои начин да се стремите да станете член на ЕУ и да имате нерешени билатерални односи. Тоа не е само бугарски критериум, туку еден од критериумите за членство во ЕУ – пријателски и добрососедски односи“, рече Захариева во изјава за бугарската ТВ Нова.
Според неа, историскиот дел меѓу Скопје и Софија е потешко прашање од спорот за името што беше решен со Договорот од Преспа.
„Преспанскиот е билатерален договор. Не е лесно да се смени името на вашата земја, но историскиот дел меѓу Бугарија и Македонија е потежок. Целиот идентитет и историја од постоењето на Република Северна Македонија од 1944 година е заснован на делови од нашата заедничка историја“, истакна Захариева.
Таа вели дека Договорот за пријателство во кој е предвидена соработка во економијата, туризмот, инфраструктурното поврзување, културата и образованието дава резултати.
„По потпишувањето на Договорот за добрососедство, само за девет месеци трговската размена е зголемена за 13 отсто, но би сакала да видам повеќе бугарски медиуми во Македонија. Во областа на културата се организираат заеднички фестивали, театарски претстави и друго. На располагање се средства за Коридорот 8. За жал, потребно е време.
Наскоро ќе почне и проширувањето на граничните премини. Целта е од Софија до Скопје да се стигнува за два и пол часа и луѓето да бидат заедно. Сепак, не треба да ја потценуваме историјата“, изјави Захариева.
МИА/Фото: МНР
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Бојко Борисов: Македонците да запрат со историските игри доколку сакаат во ЕУ
Радев бара „црвени линии“: Македонската евроинтеграција не може да биде на сметка на Бугарија