Во ноември како што најави адвокат Александар Тортевски, треба да биде основана новата партија „Твоја партија“.
Деновиве партијата во најава го имаше првиот состанок на Инцијативниот одбор, на кој се појавија и професорката Мирјана Најчевска и активистката Ирена Ристиќ.
За сега е нејасно кој се ќе биде во оваа партија, а според досегашните најави на Тортевски дел од неа треба да бидат интелектуалци од земјава, но и наши луѓе, кои се успешни надвор.
Во јавноста, но и во медиумите деновиве на големо се шпекулира за основање и на уште една партија „Македонски концепт“, а со истата неофицијално се поврзуваат поранешни и актуелни членови на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
За сега „Македонски концепт“ се најавува како движење, а се шпекулира со имињата на поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, поранешниот министер за надворешни работи, Никола Попоски, но и актуелниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, Петар Богојески, еден од предводниците за внатрепартиска инцијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој деновиве во неколку интервјуа посочи дека постои простор за формирање на нова партија, ако ВМРО-ДПМНЕ не се вразуми и не ја смени политиката и реториката, но негираше поврзаност со „Македонски концепт“…
Официјална потврда од останатите имиња со кои неофицијално се поврзува „Македонски концепт“ нема.
Од ВМРО-ДПМНЕ изминативе години се изродија неколку партии, па затоа нема да биде никакво изненадување и „Македонски концепт“.
Дел од тие партии завршија неславно, а некои се вратија во матичната, па во јавноста на тоа се гледаше како сценарио за собирање на гласовите на незадоволните членови, па истите повторно се враќаа на контото во ВМРО-ДПМНЕ.
Ваквиот концепт не е и непознат и на СДСМ, а како еден од примерите во досегашната македонска политичка историја за успешна трета опција е Демократска алтернатива на Васил Тупурковски.
Истата денес не постои, а повеќе од јасно е дека вистинска трета опција во Македонија тешко може да се роди, а уште потешко да преживее, од проста причина што тоа не им одговара на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.