еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Ако за земјите од Западен Балкан се инсистира прво да ги решат билатералните спорови, тогаш ниту една нема да влезе во ЕУ, порача Пендаровски

Во изминатите три години имаме сериозен дисбаланс меѓу традиционалните критериуми за влез во Европската Унија и надминување на билатералните спорови, бидејќи билатералниот спор со Бугарија за жал ја покри целокупната традиционална агенда за пристапување, порача денеска претседателот на државата Стево Пендаровски, на заедничката прес-конференција во Скопје со неговите колеги од Словенија и Хрватска, Наташа Пирц – Мусар и Зоран Милановиќ по состанокот во рамки на процесот Брдо-Бриони.

Пендаровски одговори на новинарско прашање во врска со тоа дали во однос на државите од Западен Балкан е поважно да ги решат чисто билатералните спорови, отколку да ги исполнат критериумите за членство содржани во поглавјата.

Пендаровски посочи дека во однос на Македонија јасно е дека постои прилично голем дисбаланс во тој сооднос.

„Нам ни е јасно дека ’97 година таа т.н. регионална клаузула или добрососедските односи мора да се исполни. Во однос на нашата земја, нашите аспирации, нашиот пат досега, јасно е дека постои прилично голем дисбаланс меѓу традиционалните критериуми за влез во ЕУ и билатералните односи со намалку двајца од нашите соседи.

Во изминатите три години ние имаме сериозен дисбаланс во таа смисла, затоа што билатералниот проблем со Бугарија, ја покри за жал целокупната традиционална агенда за пристапување. Ние се надеваме дека најскоро тоа ќе се промени, бидејќи ако на Западен Балкан инстистираме најпрво да бидат решени чисто билатералните спорови и посебно ако тие се потпираат на историја и на емоции тогаш ниту еден од Западен Балкан нема да влезе во ЕУ,“ рече Пендаровски.

Хрватскиот претседател Милановиќ истакна дека се важни и критериумите и решавањето на споровите и додаде дека тоа се процеси, кои се одвиваат паралелно.

„Важно е и едното и другото, постојат отворени прашања, особено меѓу Србија и Косово, кои меѓусебно не се признаваат. Тоа се процеси, што се одвиваат паралелно и истовремено и ќе повторам уште еднаш сметам дека овој вид на дијалог е вреден и дека е најлошо кога ќе стивнат телефонските линии.

Тоа е смрт за дијалогот, за комуникацијата, за меѓусебното разбирање, па и недоразбирање. Еден од најважните моменти во скорешното минато е поврзан со идентитетот и самопочита на државите во овој простор, а тоа е кога Украина доби кандидатски статус пред Босна и Херцеговина, тоа беше необјасниво, но ете се случи,“ рече Милановиќ.

Словенечката претседателка истакна дека е недвосмислено оти решавањето на билатералните спорови е во интерес на ЕУ, на пристапувањето во Унијата, но секако и во интерес на државите кои сакаат да станат членки.

Пирц – Мусар напомена дека сепак таа не е приврзаник на одолговлекување на процесот за влез во ЕУ поради билатерални проблеми.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Европските интеграции, климатските промени и иселувањето на младите во фокус на процесот Брдо-Бриони во Скопје

МИА/Фото: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Претседателот на УО на Гранит, Страшо Милковски купи 11.731 акции во Друштвото

Редакција

Народна банка ја зголеми основната каматна стапка на 3%

Редакција

(Галерија) Силјановска се поклони пред гробот на Св. Кирил во Рим

Редакција