Актуелниот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари кој се кандидираше за уште еден мандат вечерва прогласи победа по вториот круг на локалните избори.
– Албанци, Македонци, Турци, Роми едногласно сите одлучивте во Гостивар брутално да ги победиме ДУИ и СДСМ со разлика над пет илјади гласови. Јас добив околу 18 илјади гласови, а ДУИ 12 илјади гласови. Ако првиот круг победивме со две и пол илјади гласови, сега победивме со над пет илјади гласови, изјави Таравари во изборниот штаб.
Изрази надеж дека од утре ќе почнат преговорите за нова влада бидејќи, како што рече, СДСМ и ДУИ веќе немаат кредибилитет кај народот.
Башким Хасани: Не успеавме да го смениме градоначалникот во Гостивар
Првиот човек на гостиварскиот огранок на ДУИ, Башким Хасани на вечерашната прес-конференција рече дека загубиле во трката во вториот круг на локалните избори и обвини дека противничкиот табор ги купил гласовите на граѓаните со средствата кои биле наменети за инвестиции во општината.
– Им благодарам на повеќето наши сограѓани Албанци кои ни укажаа доверба. Ни веруваа и дел од турската, македонската и ромската заедница. За жал, не успеавме да го смениме актуелниот градоначалник, кој со ВМРО-ДПМНЕ ќе владее уште четири години.
Средствата кои беа наменети за да се инвестира изминативе четири години во Гостивар денес се искористени за купување гласови. Овие средства денес беа искористени за купување на гласови и за злоупотреба на волјата на граѓаните, рече Хасани.
Тој на прес – конференцијата им се заблагодари на активистите, ограноците и сопартијците и напомена дека со нивната посветеност дале доверба на програмата на ДУИ.
МИА/Фото: Фејсбук/Таравари