Професорката Беса Арифи, како дете никогаш не помислувала дека еден ден ќе биде професор и ценет аналитичар.
Во тоа време сонувала еден ден да стане доктор, музичар, писател или ликовен уметник.
„Имав прибор играчки со докторски алатки, со кои често си играв. Музиката од секогаш сум ја сакала и паралелно со основното училиште седум години посетував и музичко училиште и учев да свирам виолина… Така што мислев дека мојата животна професија ќе биде во овие области“, раскажува Арифи.
Доктор не стана, но виолина свири и денеска.
Сеќавањето на детството и буди многу убави чувства.
„Имав многу поразлично детство од денешното кои го имаат моите деца. Во тоа време Тетово беше тивко и сигурно место за живеење. По цел ден игравме надвор, додека да се стемни. Многу ми е мило што имав можност да го доживеам сето тоа. Бевме привилегирани. Денешните деца не стануваат од пред компјутер. Јас на пример мојот прв мобилен го купив дури на втора година на факултет. Денешните растат со мобилни“.
Интересен детаљ од времето кога била во основно училиште е што учителка и била нејзината мајка.
„Беше многу строга кон мене. Јас бев многу вреден ученик, но никогаш не ме пофали за да не мислат другите ученици дека ме фали затоа што сум нејзина ќерка. Тоа ме направи да бидам многу независно дете, и не секогаш да очекувам пофалби за тоа што убаво го правам. Учев сама и никогаш не барав помош„.
И нејзиниот татко, кој има влијание врз нејзините идни интереси, е пензиониран професор. Предавал албански јазик.
„Татко ми отсекогаш ја негуваше критичката мисла. Ме учеше да имам сопствен став. Ми велеше дека не треба со се да се согласам со него, што за едно дете значи многу, посебно кога доаѓа од таков висок авторитет“.
Од него е и нејзината голема љубов кон книгите.
„Дома имаме многу книги. Јас бев учена дека треба да се чита различна литература, не само таа што ја имаме во образованието. Така полесно ќе можеш да споредуваш. И денеска се уште читам многу„.
Влијание во нејзиниот развој секако има и нејзината најстара сестра Теута Арифи, актуелната градоначалничка на Тетово.
Вели дека не и е никаков проблем отворено да ја критикува својата сестра.
„Сите во мојата фамилија се добри соговорници и секој се држи до својот став. Нашите семејни ручеци и ден денешен се невидени дебати“.
Има и уште една сестра, која е исто постара од нејзе, која е учителка по англиски јазик.
Јазиците им лежат на сите во фамилијата, а таа освен англиски, македонски, албански, добро ги владее и францускиот, но и турскиот јазик.
„Отсекогаш бев фасцинирана од францускиот јазик, шансоните, француската историја, архитектура…„.
Во средно училиште поблиску се запознала со социјалните науки, за која се заинтересирала.
„За прв пат слушнав за универзалната декларација за човековите права и научив дека има многу начини како работите да се сменат на подобро за сите“.
По завршувањето на општата гимназија се одлучува да се запише на Правниот факултет во Скопје и да влезе во светот на правото, тотално непозната област за неа. Претходно постоела шанса за студирање во Франција, но се откажала од таа можност и одлучила да стане правник во земјата каде живее.
Во текот на нејзината прва година студирање се случува и воениот конфликт.
„Беше потребен голем труд на факултет, бидејќи стануваше збор за материја за која немав претходни подготовки. Се преселив во Скопје на крајот на 2000 година и моите први испити ги давав во екот на воениот конфликт.Тоа дополнително ми го отежна студирањето. За време на летниот одмор се вратив во Тетово. Неможам да го заборавам криењето во подрум, звукот на пукањето и гранатите. Во една таква прилика додека со татко ми се криевме во подрум го прашав дали сето ова ќе се заврши. Тој ми рече дека се ќе заврши, но ова не. Така што бил во право. И по 16 години ние се уште сме во криза. Ништо не е решено до крај. Доверба има, но таа често се злоупотребува…“.
Студирањето го завршила пред време, и не само тоа.
„Речиси сите испити ги положив пред време. Трета и четврта година ги споив, а посебно сум горда на тоа што бев прогласена за студент на генерацијата“.
По завршувањето на студиите магистрирала и докторирала, а нејзин ментор бил академик Владо Камбовски, кој посебно го почитува.
Нејзината специјалност е кривично право и има посебна благодарност на професорот Марјановиќ.
Во 2004 година го има првото вработување на Универзитетот на Југо-Источна Европа. Најпрво како асистент, а потоа станува професор.
Амбиција да стане адвокат или судија немала.
“Тоа што на крај станав професор е можеби резултат што целата фамилија ми работи во таа област. Среќна сум што можам да предавам, да истражувам, да пишувам научни трудови. А најсреќна сум кога мои студенти ќе стигнат далеку, а ги има и такви“.
Од неодамна таа е и колумнист и ужива во таа одлука. Нема амбиции да стане политичар како нејзината сестраТеута.
„Во се што правам најважна ми е слободата. Затоа и не би влегувала во политика. Таму не секогаш вашите ставови се лични“.
Во брак е од 2009 година, а нејзиниот сопруг е исто така работи на Универзитетот на Југо-Источна Европа, каде и што се запознале. Тој работи во областа на компјутерските науки.
„Колегите знаат да се пошегуваат на тоа дека работиме заедно и не прашуваат нели ни е досадно да се гледаме цело време, и дома и на работа. Но, јас гледам на тоа како на предност“.
Имаат две деца Љорик (5,5) и Енкел (4).
„И двајцата многу сакаат приказни и многу се интерактивни и енергични. Поголемиот за сега е по електрика, сака се сам да испроба, а помалиот е полиберален и има уметнички афинитети“.