Десетминутни овации по премиерата на текстот „Генетиката на Глембаеви“ од Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски и бројни медиумски одгласи е исходот од отворањето на Театарфестот „Петар Кочиќ“, со претставата која пред десетина години беше голем хит на „Драмскиот театар“ од Скопје, под тогашен наслов „Генетика на кучињата“.
„Независне новине“ пишуваат во суперлативи за „македонскиот писателско-режисерски двоец“. Во пообемната театарска критика, во која се истакнуваат актерските остварувања на ансамблот на Народното позориште на Република Српска, со кој Пројковски ја постави неодамна „Дервишот и смртта“ и победи на Фестивалот на војводинските театри, меѓу другото се вели: „Треба да се истакне дека оваа претстава константно ви го држи вниманието. Мудро напишаниот текст и актерското мајсторство веќе го споменавме. Тука е и музиката на сјајниот Горан Трајковски. Сценографијата на Валентин Светозарев, на пример, е во согласност со карактерите на ликовите… Иако оваа претстава ги раскринкува сите слоеви на едно корумпирано општество, некои од ликовите сепак бараат спас во духовното. Со одличните режисерски решенија тоа ‘духовно’ во публиката се претвора во катарзично“.
Овој успех на Пројковски доаѓа по серија негови успеси надвор: најдобра претстава на Сплитско лето, претстава на годината во Хрватска, AFIFE- театарски оскар за претстава на годината во Турција, награда за најдобра претстава од критиката во Турција, најдобра претстава во Црна Гора на Биеналето на Црногорскиот театар, награда за најдобра претстава и најдобра режија на фестивалот на професионални театри во Војводина…
Венко Андоновски, како што е познато, е потврден и наградуван писател во регионот, како и во Русија и Франција, надвор од Балканот.