Во одделни економски сектори во вториот квартал има поповолни движења во споредба со првиот квартал кога беше забележан минимален раст на годишно ниво од 0,1 процент.
– Расположливите податоци за вториот квартал не се многубројни и воедно се дивергентни, но главно упатуваат на малку поповолна состојба во економијата во споредба со првиот квартал. На годишна основа, априлската проекција предвидува економски раст од 3,2 отсто во 2018 година и 3,5 проценти во 2019 година. Покрај раст на извозот и личната потрошувачка, една од клучните претпоставки вградени во проекцијата е заживување на инвестициските активности, вклучително и ревитализирање на јавните проекти главно поврзани со патната инфраструктура, наведува НБРМ во кварталниот извештај.
Достапните податоци на Народната банка на Република Македонија упатуваат на раст на личната потрошувачка во вториот квартал.
– Раст е забележан кај трговијата на мало, реалните плати и масата на пензии, а солидно расте и кредитирањето на населението, што делумно соодветствува со резултатите од Анкетата за кредитната активност, кои што упатуваат на олеснување на вкупните кредитни услови, но и на нето – намалување на побарувачката на кредити на населението во овој период. Во април зголемување бележат и нето приватните трансфери, стои во кварталниот извештај на НБРМ за август.
Податоците за април и мај 2018 година упатуваат на годишен раст на јавната потрошувачка главно како резултат на повисоките трансфери за здравствена заштита. Поволни движења има и кај движењето на инвестициите.
– Годишен раст од краткорочните показатели за инвестициите се забележува кај домашното производство на капитални добра, како и кај странските директни инвестиции. Истовремено, кредитирањето на претпријатијата за периодот април -мај и натаму бележи раст, при умерено зголемена побарувачка на кредити и нето – олеснување на кредитните услови во овој период, согласно со резултатите од анкетните испитувања на банките, стои во извештајот.