еМагазин
Image default
Македонија

Филипче го презентираше протоколот за градинките: На прием на секое дете ќе му се мери температура

Протокол за активности во установите за згрижување и воспитување деца, донесен од Комисијата за заразни болести, а со кој се овозможува реализација на процесот под посебни мерки за превенција од ширење на корона вирусот во градинките кои треба да се отворат идната недела, презентираше денеска министерот за здравство Венко Филипче на заедничката прес-конференција со министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Протоколот, посочи Филипче, опфаќа план на активности и делување кои се однесуваат на самата установи, на воспитно згрижувачкиот кадар и на родителите на децата кои ќе посетуваат градинка.

– Пред отворање на установите потребно е да се направи дезинфекција на просторот и дворовите во градинките, да се исчистат и дезинфицираат и таа постапка веќе е во тек од страна на општината или соодветниот центар за јавно здравје, се поставуваат едукативни постери со препораки за превентивните активности на истакнати места.

Секоја установа треба да озбебеди доволна количина на лична заштитна опрема: маски и ракавици за вработените, средства за одржување лична хигиена, за дезинфекција на вработените и на просторот и задолжително да има безконтактен термометар за мерење на телесната температура.

Дезинфекцијата на просториите, подовите, предметите е задолжителна на секои два часа во текот на денот, задолжително е проветрување на просториите согласно временските услови, рече Филипче.

Престојот на децата, појасни, треба да се организира на начин на кој ќе се избегне меѓусебен контакт на различни воспитни групи, сместени во одделни простории согласно мoжностите, а игрите се препорачува да се организираат што е можно повеќе на отворено кога времето го дозволува тоа и во помали групи.

Потенцира дека приемот на деца по воспитна група треба да биде со десет минути временска разлика на влез на кој задолжително е растојание од два метри, а детето го спроведува еден родител и секогаш носи заштитна маска.

Тој рече дека потребно е да се врши секојдневна дезинфекција на превозните средства со кои се дистрибуира храна од главната кујна до другите објекти, лицата кои доставуваат храна задолжително треба да носат маски и ракавици, храната за децата треба да се остава пред занималната, а децата треба да јадат во неа со претходна дезинфекција на рацете и на масите.

– На сите вработените при влегување во установата задолжително ќе им се мери температура. Ако некој вработен има какви било симптоми на болест тој треба да биде остранет од работа. Не се дозволени собирање и меѓусебни контакти на вработените во заеднички простории.

Тие треба да го следат сопственото здравје и состојбата на децата при прием и во текот на нивниот престој во установата и во целост да се придржуваат кон општите препораки за превенција од вирусот.

На прием на секое дете му се мери температура, а тоа по влез во градинката задолжително ги мие рацете и повеќе пати во денот.

Растојанието меѓу масите за седење на децата треба да биде меѓу еден ипол и два метри, спиењето е организирано така што децата треба да бидат поставени на крвеетите според принципот нозе – глава, исто такво растојание ќе има на единечни кревети и постелнина на секое дете одбележана со неговото име, истакна Филипче.

Сите вработени во установата мора да носат заштитни маски, нагласи министерот и додаде дека во групите на деца на возраст до две години треба да има максимум по шест деца, а на возраст над две години по максимум 15 деца.

– Секој родител треба да достави лекарска потврда од матичен лекар за здравствената состојба на неговото дете. Во установата не смее да се користат играчки што не се перат и дезифицираат, тие не се мешаат меѓу групите, а воспитувачките се задолжени за нивна детална хигиена, за задолжително миење на рацете на децата особено после кивање, кашлање, плачење, пред и после консумирање храна и одење во тоалет под надзор.

Кога се менуваат пелени во помалите групи треба да има строго почитување на постапката со одржување на хигиена на рацете и дезинфекција на површините. Протоколот предвидува засилени воспитни активности со деца со цел да се олесни разбирањето и усвојувањето на новите правила за заштита од вирусот, рече Филипче.

Доколку родителот забележи појава на симптоми кај детето од каква било природа, посочи, не треба да го носи детето во градинка и треба да го контактира матичниот педијатар. Родителот при првото и при секое повторно после болест вклучување на детето во градинка треба да донесе лекарска потврда од матичниот лекар.

Министерот истакна дека секоја градинка треба да назначи лица по можност медицинско за контакт со надлежниот Центар за јавно здравје и ако детето за време на престојот развие зголемена телесна температура ќе се изолира во посебна просторија каде се грижи негователка од неговата група, а назначеното одговорно лице веднаш го известува родителот да дојде во градинката.

Истото лице, како што појасни, стапува во контакт и со епидемиолошката служба во надлежниот центар за јавно здравје и со матичниот педијатар на детето, а во координација меѓу епидемиологот, педијатарот и родителот/старателот на детето се одлучува за натамошната постапка според проценката на ризик која ја прави пред се епидемиологот.

Потенцира дека епидемиологот прави проценка на ризик и евентуална можност за проширување на инфекција во групата или целата градинка со што децата, учителката и негователката од воспитната група каде престојувало евентуално позитивно дете како блиски контакти според проценката ќе одат во домашна изолација.

За појавата и преземените мерки, истакна Филипче, се известува Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, ќе се организира вонредна дезинфекција во градинката, позитивното дете со родителот/стараторот продолжува во домашна изолација под здравствен надзор и здравствената состојба ја следи матичниот лекар, а установа за хоспиталниот третман е болницата во Козле и педијатриските одделенија низ државата.

– Детето кое било сомнително дека е позитивно на вирусот, а за кое со тестирање е докажано дека е негативно продолжува да ја посетува градинката со потврда од матичниот лекар.

Исклучително е важно да направиме се да го зачуваме здравјето на најмалите и да не дозволиме да се шири вирусот во градинките и во семејствата на децата. Клучно е да се почитуваат протоколите од сите чинители. Неопходно е да им се пристапи на децата на начин на кој тие ќе разберат дека се штитат себеси, своите другарчиња и своите семејства, додаде Филипче.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Градинките подготвени за прием на деца, слободни уште 4.500 места

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Позициите на Македонија и Бугарија остануваат различни, откри Османи

Редакција

Бугарското МНР и врачи протесна нота на македонската амбасадорка за инцидентот во Охрид

Редакција

Продолжува судењето за „Рекет”

Редакција