Концертот на Дуке Бојаџиев во Градски парк Скопје синоќа, во рамки на одбележување на 9 мај-Денот на Европа, беше повеќе од магичен.
Сцената поставена покрај езерце, и играта на светла, дадоа една нова димензија на изгледот на паркот. Градски парк никогаш не бил поубав.
Звуците на музиката на Бојаџиев, беа зачинети со стихови од Руми од страна на нараторите Наташа Петровиќ, која одбраната поезија од Руми ја читаше на македонски, и Амернис Нокшиќи, која истите стихови ги прочита и на албански.
Но, она што беше како уникатно доживување, е што гостинот на Бојаџиев од Шпанија, Бахрамџи (сантур/вокал) ја рицитираше поезијата на Руми на неговиот мајчин јазин, на персискиот, бидејќи Бахрамџи потекнува од земјата на Руми, Персија.
За време на двочасовниот концерт беа изведени најновите дела на Бојаџиев, кои биле создавани, на Ибица, Шпанија, каде што и ги запознал музичарите кои настапија со него на сцена и ги пренесоа музичките вибрации на балканското и медитеранското поднебје.
Со 20-члениот оркестар на Македонска филхармонија под диригентство на Ана Спасовска се направи спој со оркестарската и филмската музика, на македонскиот музички уметник кој за време на ковид-пандемијата творел во Франција и Шпанија.
Оттука и важноста, светот да е дом за еден уметник, иако и преку музиката, тој се навраќа во неговиот вистински дом, од каде што го започнал музичкото патешествие. На концертот беше изведена и точно таква композиција „Дом“, посветена на родната земја.
Други гости од Шпанија беа и Медуса Одисеј (два диџеи/гитара/перкусии), Миријам и Иса – вокал.
На крајот на концертот беше упатена универзална молитива за во светот да завладее мир.
„Оваа молитва не религиска, туку е универзална порака за во светот да завладее мир, бидејќи се турбулентни времиња. Ви посакувам секој од вас да го пронајде својот душевен мир, бидејќи тој мир, потоа ќе придонесе за целосен мир во светот,“ порача Бојаџиев на крајот на концертот.
Фото: emagazin.mk