Општина Кочани испрати писмен допис до јавноста во кој ја осудува постапката на лепење фотографии со текст и бугарски обележја, што изутринава се појавија на спомениците и на јавни места во централното градско подрачје.
-На повеќе објекти во градот се забележани вандалски постапки со лепење фотографии со текстови и со обележја на бугарски симболи. Општина Кочани најостро ги осудува ваквите постапки и бара од МВР – ОВР – ПС Кочани да ги прегледаат сите видеонадзори на околните објекти, да ги пронајдат сторителите и да преземат мерки согласно закон, стои во дописот од Општината.
Налепници со натпис „Еден народ сме“, во комбинација со бугарско и македонско државно знаме, како и фотографии на кои е претставен орел аплициран на бугарско знаме, беа залепени на бистите на првоборците Љупчо Сантов и Раде Кратовче во Паркот на Револуцијата, на столбови за јавно осветлување, како и на ѕидовите на јавни институции.
Од Одделението за внатрешни работи во Кочани информираа дека случајот е пријавен и евидентиран кај нив и ќе биде предаден на натамошна постапка.
МИА/Фото: Општина Кочани