Коњичкиот клуб „Шерпа хорс рајдинг“ (Sherpa Horse Riding) на Галичник постои веќе девет години и нуди услуги на јавање коњи за странци и домашни туристи.
Тие, како што објаснува Васко Величковски нудат туристички пакети самите, но соработуваат и со други агенции кои имплементираат инкаминг туризам. Сезоната им трае околу седум месеци, од април до ноември.
„Според последните статистики за еднодневни активности поминуваме и до 800 клиенти, отприлика 1.200 клиенти годишно. Имаме повеќе дестинации во радиус од 80 километри на кои јаваме. Дневните активности се од два до шест часа јавање, но со турата „Мијак трајб треилс“ ја поминуваме цела Бистра, Стогово и поминуваме 230 километри за шест јавачки дена.
На турата учествуваат луѓе кои имаат култура во јавање на коњи и одат на одмор каде што има тури за јавање на коњи“, вели Величковски.
Иако девет години го работат овој бизнис Величковски вели дека се уште се развиваат и секоја година се во инвестиции.
„Самиот наплив на луѓе, наши и странци бараат константни инвестиции и од таа причина годинава инвестиравме во десет нови коњи опрема за нив, 10 шатори, цела камп опрема и ново возило. Соработуваме со сите угостителски објекти од Галичник. Во најголемата инфраструктура на целиот туристички пакет се сите локални добавувачи. Тие се вклучени во нашиот аранжман, бидејќи се уште немаме доволно сместувачки капацитет, па се вклучени Лазарополе, Галичник, Гари Маврово“, додава тој.
Но според него, најголема пречка во овој Западен регион на Маврово и Река е нефлексибилен транспорт на туристите, како и недостигот на поголем број на атракции како нив.
„Недостасуваат атракции, бидејќи со групи кои сакаат да јаваат можеме да ги угостиме и да им пружиме задоволство, но странци кои сакаат да имаат различни активности, тука веќе имаме проблем. Сите конекции од Охрид до тука се невозможни, исто и од Скопје. Па се носат до Маврови Анови, па освен што продаваме услуги за јавање на коњи ние сме и транспортери“, додава Величковски.
Коњичкиот клуб изминатата недела беше домаќин на група британски туристи, јавачи со кои ја поминаа патеката „Мијак трајб треилс“ на која им го покажаа патот како Мијаците порано функционирале, посетиле бачила, молзеле овци.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Најубавото од Галичник: Што е тајната на вкусот на галичкото сирење