Забрзаната постапка за добивање работна виза за Германија што ја овозможува новиот Закон за доселување стручни лица, кој стапи во сила од 1-ви март, е можна само со признаена квалификација од германските надлежни служби и конкретна понуда за работно место од германски работодавач.
Ова го нагласува германскиот амбасадор Томас Герберих во видео порака до граѓаните на земјава која има цел, како што вели, да даде неколку појаснувања во врска со Законот за доселување на стручни лица кој во Германија стапи во сила на 1 март.
Тој нагласува дека Законот ќе го регулира доселувањето во Германија на квалификувани стручни лица од земјите надвор од ЕУ.
„Согласно со Законот, квалификаувани стручни лица не се само лица со завршено високо образование туку и стручни лица со квалификувано стручно средно образование.
Како прв чекор мора да се докаже оваа квалификација пред да се поднесе барање и да биде призната од надлежните германски служби.
Со призната професионална квалификација може да поднесете барање за виза за кое ви е потребна и конкретна понуда за работно место. За да може стручните лица да имаат корист од забрзаната постапка идниот работодавач во Германија мора да поднесе соодветно барање. Кога сето ова ќе е приложено, Амбасадата ќе издаде виза,“ вели амбасадорот Герберих.
Тој посочува дека Законот за доселување на стручни лица не е закон специјално составен за земјите од Западен Балкан, туку важи ширум светот.
Тој закон, исто така не ја заменува досегашната, добро позната „регулатива за Западен Балкан“, која и понатаму ќе продолжи да постои. Германскиот амбасадор појаснува и дека целта не е да се поттикне заминување на млади образовани кадри.
„Дозволете ми да појаснам уште една мисла: Не сакаме да поттикнуваме „одлив на мозоци“, туку да се заложиме за создавање одржлив пазар на трудот во земјите од Западен Балкан. Ќе ги поддржиме и оние што се враќаат за да може тука да го пренесат стекнатото знаење во Германија“, наведува Герберих во видео-пораката.
За дополнителни детали тој упатува на линк на веб-страницата на Амбасадата на Германија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Од денеска олеснети услови за работа во Германија, можност и за граѓаните од нашата држава
Фото: Германска амбасада