Звучи како клише, но за вистинската љубов навистина нема граници. Таков е случајот со македонката Елизабета Далајоргу и гркот Елефтериос Далајоргос.
Тие се заедно веќе осум години, а во брак се седум години и го имаат синот Јоанис.
Живеат во Скопје, а разбирливо често патуваат и во Грција, каде и се запознале.
Љубов на прв поглед во Полихроно
Нивното запознавање било случајно.
Елизабета отишла на викенд во хотел на пријателка во Полихроно, а Елефтериос, кој тогаш имал планови да се занимава со производство на органски земјоделски производи, благодарение на средбата ќе стане кувар во истиот хотел.
„Беше дојден на два дена, како и јас. Кога прв пат го видов си реков себе си: „Овој човек ќе биде засекогаш мој“. Неговите планови се променија, а и моите.
Во тој период од мојот живот не планирав да се врзувам за некого, а уште помалку да стапам во брак“, раскажува за еМагазин, Елизабета.
Ден по нивната прва средба бил роденден на Елизабета, што придонело уште подобро да се запознаат, по што следеле уште неколку заеднички викенди, романтични вечери… по кои ќе ја донесат одлуката да бидат заедно.
Прв пат во Македонија
Пред да ја запознае Елизабета, Елефтериос никогаш претходно не бил во Македонија. Таа го поканила да дојде на свадба на пријатели и го запознала со своите пријатели.
„Се шегувавме дека со нашата љубов ќе го решиме спорот за името :).
Морам да кажам дека политиката никогаш немаше никакво влијание врз нашата врска, а и тој кога прв пат дојде овде беше изненаден како беше дочекан од моите пријатели, кои се трудеа секој нешто да каже на грчки…
Веднаш го прифатија. А како и да не го прифатат, тој е толку добар и искрен човек“, раскажува Елизабета.
Вели дека таа била многу поисплашена кога прв пат требало да се запознае со неговите родители, кои живеат во Кожани.
„На крај излезе како цел живот да сум се знаела со неговите. Неговата мајка не ја гледам како свекрва, туку како другарка.
Сега и тие често доаѓаат овде, а и неговиот татко и мајка му, која зборува неколку јазици, научија и македонски„, ракажува Елизабета.
Научил македонски јазик за шест месеци
„Официјален„ јазик дома, како што на шега вели Елизабета им е македонски јазик.
Елефтериос научил македонски за шест месеци, а по 20 дена знаел и да пишува.
„Природно научив. Не ми беше никаков проблем“, вели Елефтериос, кој работи како извршен шеф во ресторанот во хотелот Парк Хотел и Спа.
На Елизабета, која работи во Дајнерс клуб и требало повеќе време да го совлада грчкиот јазик, а нивниот син освен што ги зборува и двата јазика, нема проблем да рецитира/пее и на албански, српски, турски, а учи и англиски јазик.
Свадба правеле во Македонија, а Јоанис го крстиле во Грција.
„Јоанис е нашата гордост. Ни го промени животот. Огромна е разликата од тоа која бев пред да го запознаам Елефтериос и по доаѓањето на Јоанис во нашиот живот“, раскажува Елизабета.
На Јоанис не му одат добро само јазиците. Тој веќе беше дел од театарска престава и има бројни таленти кои допрва ќе дојдат до израз.
За сега решиле да живеат во Македонија, а за Елефтериос да се работи како кувар овде е предизвик, а и веќе се чуствува како дома.