Менаџментот на Македонско село вчера преку Фејсбук најави дека комплексот од денеска ќе биде затворен.
„Ве информираме дека менаџментот на комплексот Македонско село донесе одлука за затворање на комплексот и истиот престанува да работи од 18.10.2018 (четврток). Ви благодариме за сите заеднички моменти, убави спомени и посети во изминатите години“, информираа од таму.
Концесионер на „Македонско село“ беше поранешниот градоначалник на Општина Центар и сопственик на „Квинс хотел“ и „Тинекс“, Владимир Тодоровиќ, кој според договорот требаше 20 години да стопанисува со селото и да плаќа кирија од 3.500 евра.
Веќе има заинтересирани нови концесионери?
Додека се уште е непознато кои се причините за ваквата одлука, дали економска неисплатливост или нешто друго, во бизнис круговите веќе се зборува за заинтересирани нови кандидати кои би го менаџирале овој комплекс за чија изградба поранешната Влада вложи 5,2 милиони евра.
Дополнителни 1,3 милни евра беа потрошени за внатрешно уредување, 24.000 евра чинеа трите електромобили набавени за пренесување на куферите на гостите во селото, 4.200 евра чинеа патоказите и ознаките за комплексот, а 2.700 евра чинеа клупите и корпите за отпадоци.
Владата не знаела за затворањето
Од Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) при Владата вчера информираа дека не биле запознаени со оваа одлука на менаџментот на комплексот, иако истите според договорот имаат обврска тоа да го направат шест месеци пред да се раскине истиот.
За денеска од СОЗР најавија средба со менаџментот на Македонско село, по што ќе биде појасно зошто истиот се затвора, дали ќе има плаќање пенали и што ќе следува.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Зошто ќе се затвори „Македонско село“: Економска неисплатливост или македонска работа
Се затвора комплексот „Македонско село“
Фото: Фејсбук/Македонско село