еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Измените на Кривичниот законик го одложија судењето за „Таргет-Тврдина“, предметот за масовното прислушување

На барање од Јавното обвинителство, во Основниот кривичен суд Скопје денеска се одложи судењето за предметот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“.

На денешното рочиште судијата Илија Трпков информирал дека до судот пристигнал поднесок од Јавното обвинителство во врска со измените на Кривичниот законик, кои влијаеле на правната квалификација на кривичните дела и на обвинителниот акт.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кои судски предмети застаруваат со измените на Кривичниот законик

– Имајќи ги предвид одредбите од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, односно правните прашања кои произлегуваат од истиот и нивното влијание на правната квалификација на кривичните дела за кои се гонат обвинетите додека се донесе соодветна јавнообвинителска одлука, барам да се одложи закажаната расправа, стои во поднесокот од Обвинителството.

По што судијата го насрочил следното рочиште за 4 октомври, оставајќи простор на Јавното обвинителство да прецизира и да се осврне на правната квалификација.

Со новите измени во Кривичниот законик, со кои беа намалени казните за кривичните дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „злосторничко здружување“, се отвори можност за застарување на некои од кривичните дела за кои се гонат обвинети во предметите кои ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), меѓу кои и во предметот „Таргет-Тврдина“, кој се суди по втор пат откако Апелациониот суд ја укина првостепената пресуда.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Во „Титаник“ ќе потоне делото „злосторничко здружување“ за Груевски, но му остануваат другите дела

Во првичната пресуда за нелегалното масовно прислушување, обвинетите добија затворска казна вкупно од 55 години од кои 12 години за поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.

По 15 години добија Горан Грујевски и Никола Бошковски, шест години му беа изречени на Тони Јакимовски, четири на Гордана Јанкулоска и три на Надица Николиќ. Условни затворски казни во траење од две години им беа изречени на Маријан Шумуликоски, Владимир Варелов, Васил Исакоски, Валентина Симоноска и Силвана Златова.

Според првичниот обвинителен акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20 илјади граѓани.

Судскиот процес од првичната постапка започна на 22 декември во 2017 година против 11 лица. Беа одржани 53 рочишта, на кои се сослушаа 123 сведоци, изведени 887 материјални докази и пет вештачења. Сослушани беа и над 200 оштетени лица.

Апелациониот суд во декември минатата година  ја укина првостепената пресуда и предметот го врати на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје. 

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Вечерва на „Штипска пастрамајлијада“ ќе настапат „Љубојна“, „Амадеус бенд“ и Данијела Мартиновиќ

Редакција

Регистрирани 647 прекршоци за неносење на маски

Редакција

Прекинуваат сите дејствија за спроведување на изборите

Редакција