Стратегијата на Охридкса банка за наредните години останува насочена кон постигнување одржлив и профитабилен раст со освојување дополнително пазарно учество во трите пазарни сегменти: индивидуални клиенти; МСП (Мали и средни претпријатија) и Големи корпоративни клиенти (Домашни и меѓународни компании), соопшти банката преку Македонската берза.
„Кај секој од овие сегменти ќе се прави избор на клиентите коишто се сметаат за најквалитетни и најмалку ризични, клиенти правни лица кои имаат стабилен профитабилен раст и развој и индивидуални клиенти кои имаат стабилни приходи, вработени во добростоечки компании, клиенти вработени во јавната администрација“, информираат од банката.
Започнувајќи од 2018 год., поголем фокус се стави и на еден друг сегмент- Општините и Јавните претпријатија во РМ, и тоа исклучиво тие што остваруваат позитивни финансиски резултати и имаат одржливи и општествено корисни проекти.
„Фокусот ќе биде ставен на развивање долгорочни и стабилни односи со постојните и со новите корпоративни и индивидуални клиенти од дефинираните целни групи, каде Банката ќе биде препознаена како партнер, притоа користејќи што е можно поголем број на производи и услуги (пакет на производи). Главен приоритет на Банката во наредниот период ќе биде обезбедувањето врвна услуга. Во исто време, ќе се интензивираат напорите при „вкрстената продажба“ и зголемување на стапката на бројот на производи по клиент“, велат од банката.
Од Охридска банка велат дека задржувањето на постоечките и придобивање на нови клиенти, е можно само со пружање на високо ниво на услуга, одржување и градење на стабилни, долгорочни, партнерски односи. Ваквото ниво на услуга ќе се овозможи со соодветна симплификација, дигитализација и автоматизација на процесите, нешто во што Банката планира засилено да инвестира во следниот период.
Покрај кредитните производи, целта е да се реализираат што е можно поголем број други производи и услуги, вклучувајќи ги и депозитите, каде што исто така е предвиден раст на депозитната база кај сите сегменти, при што фокусот е ставен на стабилноста и подолгорочни релации со комитентите. Депозитната база е основен извор кој го обезбедува и кредитниот раст на Банката. На страната на изворите за финансирање, кредитните линии од меѓународните финансиски институции остануваат значаен извор за подобрување на конкурентската предност на Банката.
Оттаму додаваат дека погоре наведено, преточено во неколку показатели би значело: одржување на стабилен раст на кредитното портфолио од околу 8,5% на годишно ниво, а со тоа да се обезбеди зголемување на пазарниот удел кај кредитите од 9,4% на крајот од вториот квартал на 2018 година до 10,35% во 2022 година; одржување на стабилен раст на депозитното портфолио од околу 7,4% просечно за периодот 2019 – 2022 на годишно ниво, и достигнување на пазарно учество кај депозити од 7,5% до 2022 година.