Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во прoсек за 14,54% во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно одлуката од 09.03.2020 година.
„Нарушениот баланс на понудата и побарувачката со нафта и нафтени производи во светот поради корона вирусот предизвика тренд на намалување на берзанските цени на суровата нафта и на готовите нафтени производи што се одразува врз формирањето на цените и кај нас,“ посочи претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Марко Бислимоски.
Тој додаде дека во овие шеснаесет години откога Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги утврдува највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати, денешната одлука носи рекорден пад на цените на нафтените деривати.
„Корона вирусот ги урна берзите и се одрази со силен ефект, кој е поголем дури и од оној во есента 2008 година кога имаше нафтена криза. Сакам да потенцирам дека малопродажните цени на горивата се на најниско ниво во нашата држава во споредба со сите останати земји во регионот,“ рече Бислимоски.
Од вечерва на полноќ малопродажните цени на бензините „еуросупер БС-95“ и „еуросупер БС-98“, се намалуваат за 7,50 денари/литар и ќе изнесуваат 54,50 ден/лит за „еуросупер БС-95“, додека малопродажната цена на „еуросупер БС-98“ ќе изнесува 56,50 ден/лит.
Малопродажните цени на еуродизел и на екстра-лесното масло за домаќинство, се намалуваат за 6,00 денари/литар и од вечерва на полноќ малопродажната цена на дизелот ќе изнесува 48,50 ден/лит, додека малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство изнесува 37,50 ден/лит.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Филипче: Корона вирусот се пренесува и преку обувки, од Кина може да се добијат 200 респиратори
Убава вест: Првата пациентка со корона вирусот денеска заминува на домашно лекување