еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Лично искуство со „чудноќата“ на Ковид-19: Последици по прележување замор, намалена концентрација, паѓање на коса

Коронавирусот кога ќе ви навлезе во организмот, и да поминете лесно или тешко, долго време ќе си го чувствувате.

Поминав со лесна клиничка слика која подразбираше температура, болки во тело, малаксаност, губење на осет за мирис и вкус, главоболка, но со уредна крвна слика и најважното без последица по белите дробови.

Најпрво, вирусот кога е се уште присутен се однесува како некое „живо суштество“, ги бара слабите точки и како за „инает“ таму ќе ве удри. Најголема болка имав во левото уво, поради прележано воспаление пред неколку години. А, Ковид-19 ќе ви открие дека може да ве болат и делови од телото, на кои до тогаш, никогаш не сте им обрнувале вниманиме.

Но тој период ми е како во магла. Дефинитивно, коронавирусот го заматува умот, ја намалува концентрацијата, вниманието, фокусот и многу се заборава. Ќе тргнете нешто да направите, но во следниот миг се фаќате себе си, дека размислувате што сте требале да направите.

Заморот, кој со одминување на деновите се намалува, сепак постои. Но и тој има некоја „чудноќа“ во себе. Не го чувствувате додека извршувате дневни активности, но во одреден момент како некој одеднаш да ви ја зема силата, од нигде никаде, останувате без енергија. Моментот, функционирам нормално, со, не можам повеќе е „пресечен со нож“.

Стресот, исто така одредено време е присутен, бидејќи е последица на претходните грижи, неизвесноста и очекувањата во кој правец болеста ќе фати. Знаев какво влијание има Ковид-19 врз организмот, но не знаев, какво ќе има врз мојот. И тоа предизвикува стрес.

Последиците од Ковид-19 ги чувствувам и по косата. Паѓа со поголем интензитет од претходно. Можеби е период кога тоа е нормално, но сепак сметам дека има поврзаност со коронавирусот. Чудно паѓа. Добрата работа е што по некое време таа се обновува.

Исто како и целиот организам.

Но сепак, последиците кај секој не се исти, бидејќи тежината на болеста не била иста. Краток здив, лузни на бели дробови, покачен крвен притисок исто така се дел од последиците.

На некои им е потребна и стручна помош во рехабилитацијата, вежби за дишење, вежби за одење и сл.

После короната, навистина ви треба напор да се вратите на истиот човек што претходно сте биле. Но нема. Бидејќи е искуство, како и секое претходно животно, кое трајно ќе ве промени. Се трудам, тоа да биде на подобро.

Мерките, како миење на раце, носење на маска, дистанца ми се уште посвети и покрај тоа што сум вакцинирана со две дози на вакцина, и прележана. Вторпат очи в очи со Ковид-19, не би сакала. A, „чудноќата“ е во тоа што ја има бре, и по втор и третпат.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Како се лекував од Ковид-19 по две примени вакцини и колку тоа чини

Како го поминав Ковид-19, со примени две дози на вакцина

Фото: Photo by Fusion Medical Animation on Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Седумгодишната Дениса има редок вид на леукемија, потребни се средства за лекување во Турција

Редакција

До недела стабилно, од понеделник со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег

Редакција

Владата на Зоран Заев преживеа

Редакција