еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Лично искуство со „АстраЗенека“ и поминато патешествие за вакцина во Белград

За вакцина во Србија се пријавив на 20 март во нивниот систем за пријавување, преку е-управа.

Се почна од љубопитство, да видам дали нуди опција за странски државјани кои не живеат во Србија.

На мое изненадување постоеше, и откако ќе се штиклира потоа дава опција за број на пасош. Малиот проблем со кој се соочив беше телефонскиот број, за кој сфатив дека е чиста формалност, колку системот да те прими, бидејќи истата содржина се добива и на емаил, речиси во исто време.

Но, затоа ја искористив опцијата „позови пријатеља“, во овој случај мојата пријателка Ивана.

Откако внесов српски број системот ме прифати. Сфатив дека опцијата за да бирам со која вакцина да се вакцинирам, не сум ја искористила, туку сум поднела барање за со сите. Па ме фати паника од „АстраЗенека“, се вратив пак во систем и штиклирав дека сакам да се вакцинирам со “Фајзер“, “Спутник В“ или кинеската.

Пет дена по регистрацијата ми се јавува Ивана и се шегува: „те викнаа за на вакцинација со “АстраЗенека“, џабе ја избегнуваш судена ти е. Не се грижи, одлична е. Јас се вакцинирав со неа“. И да биде иронијата поголема, анамнеза ми земаше истиот лекар што и нејзе.

Истата порака ја имав добиено и на меил.

Ме фати таква еуфорија да не знаев што да правам. Се јавив на сите можни доктори кои ги знам за да се консултирам не за тоа дали да се вакцинирам, туку дали со „АстраЗенека“.

Ниту еден од луѓето на кои им верувам не ми кажа НЕ. Кога веќе одлучив дека ќе се вакцинирам, правам план. Ок, ќе тргнам во недела сабајле околу 4, (имам дозвола за движење по полициски час) и таман ќе стигнам на термин во 10.55 на Белградски саем.

Планирав да ја земам и сестра ми, која ми е матичен лекар, и од страв ѝ кажав да земе антишок терапија. Да ме освестува дур припаѓам.

И се беше фино испланирано, додека во петокот не почнаа да се појавуваат информации дека Владата нема да дозволи патување за вакцинација во Србија за време на полициски час со дозволите за движење. Имајќи предвид дека на граница многу ќе се чека, знаејќи дека многу граѓани ќе се упатат кон Србија, знаев дека ако тргнам сабајлето нема да стигнам на термин. Не дека ќе ме вратеа ако задоцнам, но сакав да го испочитувам системот и времето кое ми беше дадено.

Во Белград тргнав во саботата попладне, после работа. Преспав и утредента стигнав точно на време на Белградски саем во хала 11. За разлика од саботата, немаше гужва. Без нервози се влегуваше со автомобил на саем, имаше слободни паркинг места. Пред хала 11 речиси и да немаше никој. Истата слика беше и пред хала 3 пред, која во саботата имаше километарски колони. Иако без гужва сепак имаше многу граѓани од околните држави кои доаѓаа и се вакцинираа.

Организацијата беше врвна. Волонтери те упатуваат каде да се влезе. Во хала те пречекува лице кое те упатува во кабина на лекар, откако ќе се заврши разговорот со лекар, веднаш до лекарските кабини се врши административната процедура за издавање на документ со лични податоци, тип на вакцина и бар код. Потоа те упатуваат во првата слободна кабина за вакцина, и потоа во чекална за да се поседи заради внимателност.

Целата процедура траеше не повеќе од 5 до 7 минути. Набрзо откако се вакцинирав, чекав нешто да се случи, ама гледам добра сум и седнав во кола и тргнав за Македонија. На граница повторно се чекаше некои 20 минути, што беше ништо во споредба со претходните гужви.

Поминаа два дена откако се вакцинирав, јас немав никаква реакција, за среќа. Искрено се надевам дека така ќе остане и ќе ми се оправда довербата во науката. Воопшто не ми беше лесно да донесам одлука да се вакцинирам со „АстраЗенека“ имајќи предвид дека вакцините се уште ни се непознаница, а дополнително колебање ми предизвикуваа случаите за кои читавме за оваа вакцина.

Но одговорноста спрема себе и за тие околу мене едноставно натежна. И свесноста дека единствен спас да излеземе од злото со корона вирусот е само вакцина. Одлуката ми ја забрза и моменталната ситуација со вирусот, кој буквално коси. Преовлада разумот дека попрво ќе ме убие вирусот отколку вакцината.

И, да. Сакам да кажам дека вакцината беше бесплатна во Србија, но нашите граѓани сепак ги чинеше пари, време, организација… Но, тоа е најмалку важно во однос на тоа „да се спаси жива глава“. Па дури и да ги наплаќаа по некоја цена, мислам дека сите што заминаа ќе беа подготвени да ја платат.

Масовната вакцинација во државата ќе започне кога ќе се повикуваат граѓаните од системот кои се пријавиле, а засега ќе биде вакцинација на приоритетните групи на граѓани. Јас во нашиот систем се пријавив веднаш кога се појави веб-страницата, и еве повеќе од месец дена немам абер, и не знам кога ќе има, бидејќи не спаѓам во ниту една од приоритетните групи.

Имајќи го предвид и овој факт, тоа беше уште еден тег на вагата на страната „АстраЗенека“. Си викам Британци и Швеѓани се во прашање. Сигурна сум дека не згрешив.

Јавно се заблагодарувам на граѓаните на Србија што се вакцинирав на нивен трошок.

ПС. Доколку сакате да бидете мирни, испитајте и д-димери. Кај мене се нормални. Повторно ќе испитам, идната недела.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Останувам на ставот за вакцинација со „АстраЗенека“, ќе се вакцинирам во април, вели Филипче

„АстраЗенека“ е безбедна и сите вакцини штитат од мутираните соеви на Ковид-19, вели Докиќ

Сите детали: Што треба да знаат граѓаните што ја примија првата доза на вакцината „АстраЗенека“ во Србија

Зошто фама околу вакцините „АстраЗенека“: Дали се во прашање и бизнис интереси?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Владата со нови кадровски промени: Макрадули во Пошта, Деспотовски си заминува од Фондот за иновации

Редакција

Професор Трајковски: Индискиот сој директно слегува во белите дробови, заканата треба да биде сфатена сериозно

Редакција

18-годишно момче загина откако излетало од пат

Редакција