Македонскиот Устав како највисок правен акт на државата е донесен на 17 ноември 1991 година и досега има претрпено осум измени со 36 амандмани.
Токму денеска во собраниска процедура влегува предлогот на Владата за нова деветта измена на Уставот, со која се предвидува во Преамбулата да се внесат и бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Уставот последен пат беше променет на 11 јануари 2019 година кога Собранието со 81 глас „за“, ниту еден против и воздржан, ги изгласа четирите амандмани за менување на уставното име од Република Македонија во Република Северна Македонија по стапување во сила на Договорот од Преспа што беше потпишан со Република Грција на 17 јуни 2018 година.
Претходно, измени на Уставот беа направени и во 1992, 1998, 2001, 2003, 2005, 2009 и во 2011 година.
Првите измени на Уставот се усвоени на 6 јануари 1992 година со донесување на Амандманите I и II. Со нив се утврдува дека државата нема територијални претензии кон соседните држави и нема да се меша во суверените права и внатрешните работи на други држави.
На 1 јули 1998 година е усвоен Амандманот III, по иницијатива на Врховниот суд и со него е поместен рокот за максималното времетраење на притворот до подигнување на обвинение, од 90 на 180 дена од денот на притворувањето.
Пратениците на седница на Собранието на 16 ноември 2001 година ги усвоија амандманите IV, V, VI, VII, VIII, IX, X, XI, XII, XIII, XIV, XV, XVI, XVII и XVIII. Овие амандмани се донесени како обврска од Охридскиот рамковен договор. Заменета е Преамбулата на Уставот која е напишана во еден став. На сосема нов начин е уредено прашањето на примената на службениот јазик и неговото писмо на целата територија на државата и во единиците на локалната самоуправа.
Воведена е нова темелна вредност во уставниот поредок на државата односно соодветна и правична застапеност на граѓаните од другите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа. Проширена е листата на верските заедници утврдена во Уставот од 1991 година. Регулирани се правата на етничките малцинства. Гарантирана е заштитата, унапредувањето и збогатувањето на историското и уметничкото богатство на државата и на сите заедници во неа.
Предвидено е дека за закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во државата. Регулиран е начинот на избор (двојно мнозинство) и надлежностите на Народниот правобранител.
Воведен е Комитетот за односи меѓу заедниците кој го основа Собранието и утврден е неговиот состав. Уредена е застапеноста на припадниците на малцинските заедници во Републичкиот судски совет, Уставниот суд и Советот за безбедност. Уредено е прашењето на донесувањето на законите од областа на локалната самоуправа (двојно мнозинство гласови), како и надлежностите на единиците на локалната самоуправа.
Регулирана е постапката за донесување на одлуката за измена на Уставот на Република Македонија.
Според последниот амандман, Преамбулата, членовите за локалната самоуправа, членот 131, односно одлуката за пристапување кон измена на Уставот, како и членовите со кои се регулираат темелните вредности, правото на еднаквост, како и правата на малцинските заедници и одлуката за додавање нова одредба, која се однесува на предметот на тие одредби или членови, не можат да се променат без двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
На 26 декември 2003 година пратениците го усвоија амандманот XIX со кој се уредува отстапување од неповредливоста на тајноста на сите други облици на комуникација, а не само на писмата, како што е утврдено со Уставот од 1991 година. Утврдено е дека отстапувањето се врши врз основа на одлука на суд, под услови и постапка утврдени со закон, а поради точно наведени причини.
Амандманите XX, XXI, XXII, XXIII, XXIV, XXV, XXVI, XXVII, XXVIII, XXIX И XXX Собранието ги усвои на седницата одржана на 7 декември 2005 година. Тие се однесуваат на реформите на судскиот систем, односно на промената на организацијата на судскиот систем, изборот на судии и јавни обвинители. Укинат е имунитетот на министрите, а се задржува само имунитетот на претседателот на Владата со тоа што за одземање на неговиот имунитет одлучува Собранието, а не Владата како што предвидуваше Уставот од 1991 година.
На собраниската седница одржана на 9 јануари 2009 година е усвоен Амандманот XXXI на Уставот со кој е утврден цензусот за избор на претседателот на Републиката во вториот изборен круг (ќе биде избран оној кандидат кој ќе добие мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на избори излегле повеќе од четириесет проценти од вкупниот број избирачи во Републиката).
Амандманот XXXII на Уставот е усвоен на собраниската седница на 12 април 2011 година, а се однесува на неможноста на одземање на државјанството на државјанин на Република Македонија, односно на неможноста истиот да биде протеран од државата. Државјанин на Република Македонија не може да биде предаден на друга држава, освен врз основа на ратификуван меѓународен договор и со одлука на суд.
Последните уставни измени беа направени на 11 јануари 2019 година кога во законодавниот дом беа усвоени амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV, XXXVI на Уставот кои стапија во сила со влегувањето во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба.
Со нив се менува името на државата од „Република Македонија“ во „Република Северна Македонија“, се прават промени во Преамбулата, се гарантира суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави и грижата за дијаспората.
Постапка за измена на Уставот
Постапката за измена на Уставот поминува низ три фази. Во првата фаза, Собранието со двотретинско мнозинство, носи одлука за пристапување кон измена на Уставот. Втората е фаза на утврдување на нацрт-амандманите и за тоа е доволно мнозинство од вкупниот број пратеници или 61 глас. Третата финална фаза е усвојување на амандманите и за тоа повторно е неопходно двотретинско мнозинство или најмалку 80 гласа.
Предлог за пристапување кон измена на Уставот можат да поднесат: Претседателот на Републиката, Владата на Македонија, најмалку 30 пратеници во Собранието на Република Северна Македонија и 150.000 граѓани.
По поднесување на предлогот, потребно е да се донесе Одлука за пристапување кон измена на Уставот. Одлуката ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, односно со најмалку 80 гласа. Бидејќи се работи за промена на Преамбулата, потребно е да има и т.н. Бадентерово мнозинство, односно за неа да гласаат и најмалку 21 од 40-те пратеници кои не се припадници на мнозинската македонска заедница.
Ако одлуката за пристапување кон измени на Уставот биде усвоена од Собранието, иницијативата се враќа до Владата, која треба да го подготви текстот на нацрт- амандманите на Уставот со образложение. Вака подготвениот текст се доставува до претседателот на Собранието, кој го проследува до пратениците и до шефот на државата најдоцна 30 дена пред одржувањето на собраниската седница на чиј дневен ред ќе се најде иницијативата.
Амандмани може да се поднесат само за она што е предмет на измените на Уставот и тоа право го имаат секој пратеник, работно тело и Владата како предлагач до најдоцна осум дена пред седницата на Собранието. Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, го утврдува нацртот на амандманот на Уставот. По ова, следува јавна расправа која не може да биде подолга од 30 дена.
Потоа, Владата поднесува предлог-амандмани до Собранието, кои треба да бидат прифатени од Комисијата за уставни прашања, која потоа доставува извештај со дополнет предлог на текстот на собраниската седница. Секој пратеник може да поднесе амандман на текстот. Текстот на предлог-амандманите се усвојува со 61 глас. Конечната одлука за промена на највисокиот правен акт – Уставот, се носи со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници односно со најмалку 80 гласа.
Пракса на уставни измени во други земји во Европа
Уставните измени односно реформи се сложен и долг процес. Понекогаш измените се неопходни и сосема суштински заради подобрување на демократското владеење или прилагодување на политичките, економските и социјалните трансформации. Сепак, имајќи го предвид фактот дека основањето на државите се впишува во самиот устав, измената на овој значаен документ е прашање од голема важност.
-Во некои европски држави уставните измени се толку чести што се случуваат скоро секоја година, а во други пак се многу ретки. Во Австрија измените на Уставот на годишно ниво варираат од еден до шест пати (со исклучок на годините кога немало воопшто ниту една измена). Швајцарскиот и белгискиот устав, исто така, се менуваат доста често, а во грузискиот устав има повеќе од триесет измени, покажува компаративното истражување на Парламентарниот институт.
Во други држави, пак, како што стои во истражувањето, уставните измени се многу ретки.
-Во Шведска, Актот за сукцесија кој е дел од четирите фундаментални закони на Уставот е сменет само еднаш. Во Романија немало воопшто никакви измени од 2003 година. Шпанскиот устав пак има претрпено само две измени. Уставот на Полска, исто така, од 1997 година е изменет само два пати. Во Финска, Уставот е изменет четири пати од неговото влегување во сила од 2000 година.
Бугарскиот устав е изменет само пет пати од 1991 година. Грчкиот устав пак од 1975 година има претрпено четири ревизии. Уставот на Литванија од 1992 година е изменет 10 пати, се наведува во истражувањето.
-Прашањето за уставните измени се наоѓа во сржта на уставната теорија и пракса. Конституционализмот имплицира дека фундаменталните правила за ефективно остварување на државната власт и заштитата на индивидуалните човекови права треба да бидат стабилни и предвидливи, а не да се предмет на чести измени, се вели во истражувањето на Парламентарниот институт и се посочува дека ова е клучно кога се зборува за легитимноста на уставниот систем.
МИА