еМагазин
Image default
Македонија

Мицкоски: Му нуделе милост на Кичеец за да ме вмешаат во „Рекет“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска ја обвини власта и премиерот Зоран Заев дека стојат зад „Рекет“ и ги штитат осомничените и криминалот.

На прес-конференција во партиското седиште, Мицкоски кажа дека „Рекет“ не е можен без поддршка и знаење на Заев. Посочи дека Катица Јанева се уште го води компромитираното СЈО, и оти треба дополнително да се испита улогата и на сите останати обвинители и помошници и можноста за постоење други вакви случаи.

Мицкоски забележа зошто Јанева не е во притвор, кога во минатото СЈО барало притвор за многу помали случаи.

„Јанева не е во притвор, може да избега, да влијае на сведоците и да го повтори делото. Нема правна држава. Ако ја имаше, Катица ќе беше во притвор, а главата на октоподот наместо со лисици на рацете немаше да се заканува на новинари и да забошотува криминали“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Како лажна ја оцени изјавата на Јанева дека ниту свесно ниту несвесно имала врска со „Рекет“. Објавените снимки, според него, покажуваат дека СЈО и првиот човек се вмешани.

Потсети и на изјавата на Заев дека и верува на Катица и дека е човек со капацитет.

„Сакаше да ја унапреди за републички јавен обвинител, а другите обвинители од СЈО да продолжат во новото обвинителство. Сака компромитираното СЈО да го преслика во обвинителскиот систем. Тоа сака да го направи со закон. Тоа не може да помине“, рече Мицкоски.

Тој обвини и дека НВО на еден осомничените за „Рекет“ важи за чедо на СДСМ и оти има сомнежи дека е параван за многу други криминални случаи.

„Зоран Заев е во состојба да се откаже од сите за самиот да се спаси. Заев е должен да каже какви докази крие семејството на еден од осомничените, кој се е вклучен во белградската врска на мешетари и кои се луѓето што се офајдиле од куфер политиката. На што се должи заладувањето на реториката на Заев кон Јанева и Боки 13“, изјави Мицкоски.

На новинарско прашање дали имал контакт со осомничениот Зоран Милески Кичеец и дали примил пари од него, Мицкоски рече дека таквите тврдења се обид на власта да го вмеша во „Рекет“. Тврди дека луѓе од власта „му нуделе милост на Кичеец за да даде таков исказ“.

„Нека дадат доказ дека тоа се случило и јас сум подготвен да понесам одговорност и сам да се пријавам во затвор“, кажа Мицкоски.

Во врска со законот за ЈО, изрази надеж дека по годишните одмори ќе продолжат разговорите. Барањата на ВМРО-ДПМНЕ, посочи, се почитување на Уставот и законите, а не да бидат прекинати веќе почнатите постапки за актуелни и поранешни членови на оваа партија.

Прашан дали ВМРО-ДПМНЕ и натаму инсистира на предвремени парламентрани избори, Мицкоски кажа  остануваат на ставот дека тие се потребни час поскоро, но оти за тоа се потребни 61 пратеник во Собранието, што ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ги нема. Затоа го повика владејачкото мнозинство и, како што наведе, разочараните од владеењето на Зоран Заев, да се приклучат кон барањето за предвремени избори.

Мицкоски не откри со каква стратегии натаму ќе настапува опозициската партија, но рече дека следните чекори ќе бидат изненадување за власта, која, како што наведе, жестоко ќе биде поразена на наредните избори.

МИА/Фото:Фејсбук/Мицкоски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Катица Јанева тврди дека не наредила претрес на обвинителите од СЈО

Во СЈО фали уште да се „испотепаат“

Италијански весник објави видео како Боки 13 и Зоки Кичеец земаат пари од Орце Камчев

Фатиме Фетаи: „Сочно ја опцув Јанева поради нејзината наредба да не претресуваат полицајци на влез во СЈО“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Министерството за правда сѐ уште не добило одговор на барањето за екстрадиција на Алил Демири од 2018 година

Редакција

Клиниката за онкологија формираше конзилиум за правилна и подобрена покриеност на пациентите со биолошка терапија

Редакција

Џолев до министерот Спасовски: Кривичниот суд е апсолутно независен во одлучувањето

Редакција