На 07.12.2019 со почеток во 05.00 часот, СВР Скопје во содејство со Одделот за сузбивање на организан и сериозен криминал, Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за специјални полициски операции и во координација со Основното јавно обвинителство Скопје спроведе координирана полициска акција насочена кон лица можни членови на криминални групи кои делуваат на подрачјето на СВР Скопје, а по документирани кривични дела „предизвикување општа опасност“ и „загрозување на сигурноста спрема службено лице“, како и сомненија за инволвираност во вршење на кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори” и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, информираат од МВР.
“Притоа, врз основа на судски наредби, извршени се претреси на 34 локации во населените места Ѓорче Петров, Грчец, Ченто, Арачиново, Чаир, Бутел, Визбегово, Бардовци, Студеничани и Центар со цел обезбедување и пронаоѓање на материјални докази кои потекнуваат од извршени кривични дела.
При претресите биле пронајдени и одземени патнички моторни возила, пиштоли, пушки, рамки за муниција и муниција, куршуми различен калибар, панцирни елеци, преносни компјутери, мемориски стикови, опрема за видео назвор, мобилни телефони со сим картички, пари во различни апоени, прашкаста материја, предмети со остатоци од прашкаста материја и др.
„Пред и за време на акцијата, а поради сомнение за инволвираност во наведените кривични дела од слобода се лишени лицата Ф.Л.(47) од с.Грчец, општина Сарај, М.Љ.(38) од с.Грчец, Е.П.(43) од с.Арачиново, Б.А.(34) од с.Арачиново, Ш.М.(28) од с.Арачиново, Ш.М.(34) од с.Арачиново, Ќ.Љ.(28) од с.Грчец, Н.С.(56) од с.Грчец, И.С.(29) од с.Грчец и Ј.С.(30) од с.Грчец.
Исто така, при преземање на дополнителни мерки и активности, пред започнување на акцијата, на 06.12.2019 во 21.20 часот на ул.„Јадранска Магистрала“ од слобода е лишено лицето И.С.(27) од с.Крушопек, за кое е утврдено дека се бара по централна потерница по член 215 од Кривичниот законик за издржување на казна затвор.
Воедно, во текот на вечерта од полициски службеници е пронајден, лишен од слобода и предаден во притвор лицето С.И.(27) од Скопје, кај кого претходно, во неговиот дом на ул.„Македонска преродба“ се пронајдени 1,5 килограми марихуана“, велат од МВР.