Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион е поставен на ЕНЕР, и во тек е прибирање на забелешки, информираа од Министерство за култура.
Овој закон е од исклучително значење, бидејќи е од 2010 година, а Комисијата за управување со Охридски регион се формирала дури во 2019 година.
„Во 2010 година се донел Законот за управување со Охридскиот регион и Планот за прогласување на Охридскиот регион како светско природно и културно наследство.
Комисијата прв пат профункционирала во 2019 година. Замислете во тие девет години кои се закони се донесени, прво колку пати Законот за градба е сменет при што во секоја измена се иззема Охридскиот регион,“ изјави министерката за култура Бисера Костадановска Стојчевска.
Од УНЕСКО има 19 забелешки во однос на заштитата на културното наследство од кои, две се за кај нас, а 17 за Албанија.
„Оваа година прв пат поднесувавме заеднички извештај со Албанија, бидејќи требаше да докажеме дека можеме заеднички да управуваме со едно природно и културно наследство кое го делиме. Најголем дел од забелешките беа во нивниот извештај, а имавме две многу мали забелешки кои со две реактивни мисии ќе ги поправиме.
Треба да направиме Стратегија за развој на туризам во предели каде што има културно наследство, како што е направено во Виена. За тоа ќе дојде експерт на УНЕСКО, преку нивната програма да искористиме фондови кој заедно со трите општини и Државната агенција за туризам ќе помогне да се направи нова специфична Стратегија за развој на туризам.
Најголем успех ни е мораториумот на дивоградби, а мапирањето на дивоградбите кој е многу побавен процес е нешто што уште го работиме. Националниот парк Галичица го има снимено цел Охридски регион од воздух за нивни потреби, и тој материјал го дадоа и на Националната комисија за УНЕСКО.
Ние тоа ќе го употребиме кога ќе ги мапираме самите дивоградби за да не чекаме на општините,“ додава Костадиновска Стојчевска и потенцираше дека во Струга немаат никаква соработка со Општината во однос на дивоградбите.
„Она што е уште позагрижувчки е што Општина Охрид продолжува со носење на одлуки на Совет по однос на Детален урбанистички план без мислење од Комисијата за управување со Охридски регион. Тоа се случи годинава со плажите. Тие си донесоа одлука на Совет каде што плажите ги уредија со монтажно-демонтажни времени објекти. За нив се знае колку се монтажно-демонтажни ако темелите се во езерото. Апелиравме неколку пати до Општина Охрид да ги ревидира таквите одлуки и да прати мислење, одговор немаме.
Апелиравме до Општина Струга, дека не може катна гаража да биде јавен интерес. Тие за изградба на катна гаража од јавен интерес си донесоа одлука дека нема да прашуваат никој во однос на закон и регулативи.
Во однос на хотелот Лагадин, активностите се застанати, бидејќи откако ги исцрпивме сите правни механизми во Министерство за транспорт и врски, во Управен суд, поднесовме иницијатива до Уставен суд, каде што ќе се испита уставноста во однос на заштита на културно наследство што е уставно загарантирана категорија, а хотелот во Лагадин е на 10-20 метра до езеро,“ изјави Костадановска Стојчевска.
Општина Струга нема Генерален урбанистички план од 2005 година, а од Министерство за култура ги задолжиле Министерство за транспорт и врски и Агенција за просторно планирање (АПП) да го направи.
Од таму велат дека ја завршиле Стратегијата за култура која треба да биде испратена до Владата, а при крај е и Стратегијата за заштита на културно наследство. Од тие два документи произлегуваат Законот за култура и Законот за заштита на културно наследство.
Фото: eMagazin.mk